Во организација на едриличарскиот клуб „Меч Рејс“ од Охрид, а со поддршка на Општина Охрид, Едриличарска Федерација на Македонија и Агенција за млади и спорт, од 28-ми до 29-ти Мај беше одржана првата етапа од третиот по ред Меч Рејс Куп – Охрид 2022.
Се натпреваруваа четири тимови од 3 клубови: „Нов Ветер“ од Скопје, „Акватика Јахтинг“ и „Меч Рејс“ од Охрид. Победник на првата етапа е тимот од „Акватика Јахтинг“, во состав Стефан Ставрев, Марко Пројчески и Евгенија Огненова. Со оваа победа, тие обезбедија учество на финалето на овогодинешниот Меч Рејс Куп, кое ќе се одржи во октомври 2022 година и ќе има меѓународен карактер.
“Match Race” е дисциплина во спортско едрење, во која меѓусебно се натпреваруваат повеќе тимови во две идентични едрилици. Тоа е еден-на-еден дуел, во кој секој тим има своја стратегија и тактика за остварување на крајната цел, први да ја поминат целната линија.
Целта на овој настан е подигнување на имиџот на едрењето, односно едрењето да се претстави како врвен професионален спорт и да се промовира можноста за развој на спортскиот туризам во Охрид и на Охридското Езеро, една од гранките во туризмот со огромен потенцијал за развој.