Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин телефонски го предупреди својот турски колега Хулуси Акар дека Вашингтон се противи на нова турска воена операција во Сирија. Остин изјавил дека е загрижен поради ескалацијата на ситуацијата во регионот, соопшти Пентагон, а пренесе Ројтерс.
За Американецот загрижувачки се неодамнешните воздушни напади, од кои некои директно ја загрозија безбедноста на американскиот персонал кој работи со локалните партнери во Сирија во борбата против Исламската држава. Војната може да ескалира во северна Сирија и Турција, се вели во соопштението од Пентагон. Остин сепак изразил и сочувство до Туркије за бомбашкиот напад во Истанбул на 13 ноември.
Од друга страна, Русија вчера распореди свои војници во областа на северна Сирија контролирана од курдски борци и владини трупи, објавија воените набљудувачи од тој регион.
Потегот на Москва доаѓа откако Анкара изврши воздушни напади врз курдски цели во Сирија и Ирак на 20 ноември, една недела по терористичкиот напад во Истанбул за кој се обвинија курдските милитанти, кои ја отфрлија одговорноста.
Жителите на Тал Рифат, град кој е под контрола на Курдите северно од Алепо, изјавија за АФП дека засилување на руските војници пристигнало во градот.
Тал Рифат се наоѓа на 15 километри јужно од границата со Турција. Курдските сили го контролираат градот и околните села, а руските војници веќе беа присутни во областа.
Жителите изјавија дека руските сили поставиле блокади на патиштата во блиското село, отсекувајќи го од позициите контролирани од турските сили и сириските бунтовници.
Протурските сили ги контролираат областите околу Тал Рифат од север, додека сириските трупи поддржани од Русија ги контролираат зоните главно на југ.