Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, утрово имаше излагање на панелот: „Празнина во срцето на Европа? Назад на Балканот“.
Дискусиите, како што соопшти МНР, биле насочени кон реафирмација на пристапот на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан како стратешки и кредибилен партнер за Европа, при што Османи се осврнал на заложбите на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.
-Секој неуспех во одржувањето на европската траекторија на Западен Балкан, може да има драматични последици за земјите од регионот и за ЕУ, вклучително и во однос на безбедноста и миграцијата. Нашите земји треба да продолжат да напредуваат во однос на помирувањето и решавањето на билатералните спорови, во европски дух, како и да ги зајакнат фундаменталните реформи, особено во однос на владеењето на правото, врз основа на ревидираната методологија за пристапување – истакнал Османи.
На настанот присуствувале претседателот на Словенија, Борут Пахор, на Косово, Вјоса Османи, државниот секретар за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Валас, министрите за надворешни работи на Хрватска, Косово и Босна и Херцеговина, амбасадорката на САД во НАТО, Џулијан Смит, посебниот претставник на ЕУ за Западeн Балкан, Мирослав Лајчак, како и специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, надлежен за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич.