Мислам дека нашата страна успеа да ги образложи нашите аргументи, но вниматело ги слушнавме и нивните аргументи. Има добра основа во натамошните разговори овие идеи да се обликуваат во некакви конкретни решенија кои потоа ќе се обидеме да ги ставиме во пакет кој значи платформа за надминување на разликите. Двете страни се охрабрени да продолжат, но имаме уште работа, а времето е кратко. И времето и квалитетот на решенијата се важни, квалитетот не смее да биде жртва на времето, треба да гарантира одржливост на односите за што сме сериозно заинтерсирани и ќе се посветиме максимално тоа да го направиме, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со средбите со неговата бугарска колешка, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска која викендов беше во работна посета на земјава.
Османи е дециден дека решението што ќе се постигне, треба да биде достоинствено и прифатливо за двете страни и не смее да остави една страна задоволна, а друга не.
Според него, во разговорите со Генчовска имало доволно коструктивна атмосфера за да се направи обид за неутрализирање на предрасудите и стереотипите и за меѓусебно сфаќање на позициите.
Инцидентот што се случи во Битола, подвлече Османи, не влијаеше на поместување на динамиката и на атмосферата на разговорите со Генчовска.
– Имавме дводневни разговори, ги споивме овој викенд експертскиот тим и политичкото ниво на разговори во едно, имавме интензивни разговори и вчера и денеска претпладне за сите прашања во детали, за сите аспекти од прашањата. Можам да констатирам дека имаше конструктивни разговори во добра атмосфера, а инцидентот што се случи не влијаеше на поместување на динамиката и на атмосферата на разговорите. Овие разговори создадоа предуслови за интензивирање во наредните денови со цел, се надевам, да се изнајде некое решение. Имаше добар прогрес во претставувањето и разбирањето на позициите на двете страни. Се надевам дека наредните денови ќе продолжи оваа комуникација во различен формат, за тие размислувања да се обликуваат во конкретни предлози кои треба да бидат основа за решение – рече Османи.