Меѓународната заедница го препозна развојот на Северна Македонија како земја која со политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план, па оттука и едногласната поддршка на земјите учеснички во ОБСЕ, нашата држава да претседава со оваа најголема регионална безбедносна организација. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој од 1 јануари 2023 година стана и претседавач со ОБСЕ, денеска на брифинг со новинарите говореше за важноста на меѓународната позиција на Република Северна Македонија, преку претседавањето со Организацијата.
-Тоа што го постигна Северна Македонија внатре преку мултиетничката функционална демократија, меѓуетничките односи, културата на дијалог што го наметна, културата на компромис, добрососедските односи, сето тоа создаде имиџ за државата, а со тоа и препознавање во меѓународната заедница дека ние сега сме зрели за да можеме тоа наше искуство, тоа наше созревање да го пренесеме во регионот на ОБСЕ преку претседавањето со организацијата. За нас тоа е голема чест, што 56 земји учеснички на ОБСЕ едногласно ја поддржаа Северна Македонија да биде претседавач на ОБСЕ – истакна министерот Османи на брифингот со новинарите.
Северна Македонија од консумент на услугите на ОБСЕ, стана претседавач, што за државата е признание дека ние како земја сме постигнале многу, а тоа како додадена вредност можеме да го внесеме во ОБСЕ, посочи шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Ние како мала земја во еден тежок период, што ја имаше првата мисија на ОБСЕ за да спречи конфликт, за да рехабилитира постконфликтно, мисија што се уште е активна, созреваме во земја што може да ја води и да ја предводи целата организација. Од конзументи на услугите на ОБСЕ, станавме претседавачи на организацијата – рече Османи.
Главниот приоритет на македонското претседавање со ОБСЕ ќе биде зајакнувањето на активностите на терен, освен кризните региони, воената агресија врз Украина, приоритетите на нашата земја како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.