Министерот за надворешни работи, Бујар Османи коментирајќи ги последните случувања меѓу Македонија и Бугарија вели дека бугарското општество практично го отфрлило Ангел Џамбаски на претходните избори, со тоа што тој не добил место во бугарскиот парламент, но дека реакцијата во Македонија на неговите изјави направила од Џамбаски ѕвезда и му обезбедила мандат во Европскиот парламент.
– За жал, мислам дека нашето општество штотуку му обезбеди на Џамбаски уште еден мандат во Европскиот Парламент, создавајќи од него некаква политичка ѕвезда од тотален маргиналец во бугарското политичко општество – вели Османи.
Во интервју за Радио Слободна Европа министерот ги посочи руските влијанија како трети фактори кои уште сакаат да има „постојан конфликт“ на Балканот. Според него, тоа е влијание кое сме го виделе во различни периоди.
Во однос на обвинувањата од Антикорупциската комисија дека во МНР се злоупотребени возила тој одговори:
– Знаете зошто реагиравме, бидејќи пишува злоупотреба на возило. Знаете за што се работи? Во тек на кампања политичар министер одржал партиска прес-конференција, а тој политичар е и портпарол на партијата во тек на работно време. И сега јас им велам на антикорупционерите па знаете ли дека со закон на секого му следува 30 минути пауза за ручек.