Унгарскиот премиер Виктор Орбан во средата изјави дека имал долг телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин и побарал од него веднаш да прогласи прекин на огнот во Украина.
Орбан додаде дека го поканил Путин да дојде во Унгарија на разговори со украинскиот и францускиот претседател и германската канцеларка.
Тој рече дека реакцијата на Путин е „позитивна“, но дека има одредени услови.
„Му предложив на претседателот Путин веднаш да прогласи прекин на огнот“, рече Орбан на прес-конференција.
Орбан, конзервативен националист и еден од ретките европски лидери во добри односи со Путин, објасни дека состанокот во Будимпешта треба да се фокусира на итен прекин на огнот, бидејќи на мировните преговори им треба повеќе време.
„Одговорот беше да, но рускиот претседател рече дека има одредени услови. Не можам да преговарам за овие услови, зависи од него и од украинскиот претседател“.
Орбан, кој го освои својот четврти последователен мандат на изборите во неделата, уште еднаш ја осуди руската инвазија на Украина, велејќи дека тоа е „агресија“.
„Оваа војна ја започнаа Русите, тие ја нападнаа Украина и тоа е агресија, тоа е заеднички став на Европската унија и Унгарија.
Сепак, Орбан, под кој Унгарија негуваше блиски деловни односи со Русија на Путин, се спротивстави на европските санкции за рускиот гас и нафта, како и за транспортот на западно оружје преку унгарска територија до Украина.