Со системот за растурање облаци Владата седи со скрстени раце додека Скопје се поплави, каде е системот со кој се фалеше? Димитар Ковачевски и институциите под Владата не направија ништо за да помагаат во справување со последиците од невремето во Скопје – обвини вчера ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ сами без асистенција од централната власт ги санираа штетите од поплавите, недостасуваше реакција од страна на Владата. Скандалот е уште поголем бидејќи Владата преку УХРМ трета година по ред распишува тендер за набавка на систем за справување со непогоди, попознат во јавноста како систем за растурање облаци. За кој годишно се плаќа 1 милион евра, а од кој немаме никаков ефект. Одговорност треба да има во институциите, Владата, УХРМ и другите надлежни во овој домен кои можеле, а не презеле ништо со цел ублажување на последиците“ – обвини опозициската партија.
Партијата вели дека народот мора да се обештети за штетите кои ги претрпе и ја повика Владата да формира тело кое ќе работи на процена на штетите на домовите и деловните објекти и ќе изврши најбрзо можно обештетување.