Од денешното рочиште на коешто сведочеше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да се заклучи дека сѐ што тврди одбраната за набавката на софтверот е исто со тврдењата од самиот почеток – дека набавката е со одлука на Генералниот секретаријат при Владата на Република Северна Македонија, наведено е во соопштението на одбраната на Драги Рашковски.
„Целосно се согласуваме како одбрана со сведочењето на министерот Спасовски, точно е дека софтверот никогаш не беше нарачан од Министерството за внатрешни работи, туку од страна на Владата на Република Северна Македонија. Како што истакнавме, во декември во 2019 година донесена е одлука на Влада за набавка на денес спорниот софтвер. Тоа значи дека овој софтвер е набавен на барање, со одлука и за потребите на Владата. По набавката направен е и документ за технички прием што, исто така ја потврдува легитимноста на постапката и следењето на процедурите. Законитоста на набавката е поткрепена со сите документи, одлуки, дописи, технички прием. Со помош на софтверот вршени се соодветни анализи, кои резултати постојат на серверите на Владата на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Набавката е донесена во целосно законска процедура, од надлежен орган и е единствениот документ врз кој може да се спроведе јавна набавка, посочува одбраната на Рашковски.
„Одлуката е донесена од Генералниот секретаријат согласно со планот за јавни набавките, а врз основа на донесените одлуки согласно законите. За ова постои и допис од Владата до Државното правобранителство каде се вели дека донесените одлуки за набавка се во целост со овие законски одредби, односно Генералниот секретар е тој кој носи одлуки за јавни набавки. Од одбраната е побарано целата набавена опрема да се донесе во судницата за да се види дека постои и дека е исправна и функционална“, се вели во реакцијата.