Од утре поскапуваат дел од млечните производи, а за ова предупредување добиле дел од трговците. Според информациите на Телма дел и од млекопроизводителите потврдиле дека од понеделник млекото ќе има нова повисока цена. За колку точно ќе се зголеми цената на млекото не се знае, а причината за растот се поскапените енергенси.
„Во ситуација кога имаме континуиран бран поскапувања во сите производни сегменти, почнувајќи од примарното млекопроизводство и зголемувањето на цената на добиточната храна, што се одрази со зголемување на откупната цена на млекото за 40 отсто, само од август ланската година до овој август, како и повеќекратниот раст на цените на енергенсите, Бимилк како одговорна компанија и најголем производител на млеко и млечни производи во земјава, во текот на целиот период од почеток на кризата има направено неопходни корекции на цената на своите производи. И ние, како и останатите во индустријата, ги очекуваме најавените мерки за поддршка на бизнис секторот за да овозможиме поизедначена позиција во синџирот на млекопроизводство“, се вели во соопштението од Бимилк.
Има најави дека ќе поскапат и сирењето, кашкавалот и јогуртот.
И експертите алармираат дека поскапувањата ќе продолжат, но не очекуваат да има некои сериозни скокови кај цените, а стабилизација на цените се очекува дури во 2024 година.
За минимално да се ублажи ценовниот шок се ограничија маржите кај основните проозводи, се скратија и некои дополнителни трошоци. Се ограничи и извозот на одредени производи, како на пченицата, брашното, огревното дрво и пелетите. И покрај ваквите одлуки процентот на инфлацијата од месец во месец расте. Властите до крајот на месецов најавуваат нов пакет мерки за помош и за граѓаните и за стопанството.