Во дамнешните времиња, одредени особини, доблести и маани им се припишувале на личности родени во одреден временски период. Некои од овие верувања биле собрани и се зачувани до денес. Март го добил името по римското божество на војната – Марс.
Затоа овој месец се смета за особено поволен за воени дејствија. Кај нас, како и кај некои словенски народи, март се нарекува и месец на Благовештение, марта, летник, итн. Македонците овој месец често го замислуваат како нерасположена баба која лесно се предомислува – таа „баба“ се вика Марта. Оттука, во март може да падне многу снег, но може и наеднаш да се загрее и да затопли како веќе да е лето. Затоа народот вели: „Подобро да те касне змија, отколку да те стопли мартовското сонце“.
Баба Марта всушност никогаш не постоела. Не се работи за некое митолошко битие или божество, туку таа е персонификација на целиот месец и неговата непредвидлива природа.
Иако ова е наше верување, баба Марта ја има речиси кај сите словенски народи. Како што го добила името по богот на војната, Марс се верува дека е сурова како него, но дека може да биде и топла и мила, поради пролетта што ја најавува.
Легендата вели дека баба Марта порано била мила и драга старица. Меѓутоа, еден ден, кралот Нума Помпилиус решил да го одземе првото место во календарот на март, додавајќи ги пред него јануари и февруари. Ова ја налутило „првата дама на календарот“ толку многу што оттогаш стана непредвидлива и каприциозна.
И така остана до денес…
Фото: МИА