Од денеска во 8 часот ќе биде отворен системот за електронско аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година. Системот за аплицирање ќе биде затворен на 17 ноември во 16 часот.
Техничките упатства и поддршката при регистрирањето, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk, како и преку контакт-центарот на овој национален портал.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека годинава електронското аплицирање целосно ќе се спроведува преку националниот портал е-услуги, а не преку веб-страницата на Министерството за култура. Тоа, како што посочува, го прават со цел дополнително да ја поедностават процедурата, на апликантите да им заштедат и време и средства за неопходните документи кои сега директно ќе можат да ги преземаат и да ги прикачуваат, како што се, на пример: уверение за државјанство, увид во тековна состојба и слично.
Преку националниот портал е-услуги, како што вели министерката, автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот. Системот автоматски нема да дозволи физичко или правно лице да аплицира во повеќе дејности од пропишаните.
Новина годинава е што, по првпат и решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат.
Помош во делот за пријавите корисниците и натаму ќе можат да побараат од секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура.