Ова се јасни показатели дека ви недостасуваат одредени витамини во организмот
Дури и да се храниме здраво, постои ризик да имаме недостаток на хранливи материи во организмот.
Кршливи нокти
Како што пишува Riders Digest, кога на вашето тело му недостасува железо, делови од вашето тело стануваат слаби и бледи. Ова може да се манифестира со кршливи нокти на рацете и нозете, како и со бледи очни капаци. Жените со тешки менструации често се борат со недостаток на железо, како и вегетаријанците. Од друга страна, мажите почесто имаат вишок железо во телото, се вели во извештајот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
На жените во предменопауза им требаат 18 милиграми железо дневно, а на мажите и на жените во менопауза им требаат осум милиграми, според упатствата на Националниот институт за здравје. Нашето тело најдобро го апсорбира железото од животинско потекло. На вегетаријанците им се препорачува да комбинираат извори на железо (спанаќ или наут) со агруми или друга храна богата со витамин Ц за да ја подобрат апсорпцијата.
Висок крвен притисок
Ако имате висок крвен притисок, можеби имате недостаток на витамин Д. Истражувањата открија врска помеѓу високиот крвен притисок и недостатокот на витамин Д, иако не е јасно дали витаминот Д може да ви помогне со хипертензија откако ќе го имате.
На возрасните им требаат 600 единици (IU) витамин Д дневно. Овој витамин е тешко да се добие со храна, но има неколку намирници кои содржат доволно витамин Д: лосос, сабјарка, збогатено млеко или сок од портокал, како и печурки одгледувани во сонце или УВ светлина..
Грчеви во нозете
На вашето тело му треба калиум, а недостатокот на овој минерал може да предизвика грчеви во нозете, често во долниот дел на ногата. Недостатокот на калиум ретко е предизвикан од намалениот внес на храна богата со минералот – почести виновници се дијареата, зголеменото потење, повраќањето и губењето на телесните течности.
На возрасните жени им требаат 2.600 милиграми, а на мажите 3.400 милиграми калиум дневно. Храната богата со калиум вклучува слатки компири, банани, авокадо и кокосова вода.
Замор
Иако зборот „скорбут“ (недостаток на витамин Ц) можеби ве потсетува на морнарите од пред 300 години, и денес на одредени групи може да им недостасува овој витамин, кој е клучен за имунитетот. Тие вклучуваат пушачи и луѓе изложени на чад од цигари. Ако сте постојано уморни или нервозни, може да имате недостаток на витамин Ц.
На возрасните жени им требаат 75 милиграми, а на мажите 90 милиграми дневно. На пушачите им се потребни дополнителни 35 милиграми витамин Ц секој ден. Агрумите, дињите, кивито, ананасот, доматите, спанаќот, пиперките и брокулата се одлични извори на витамин Ц.
Намалување на производството на тироидни хормони
Оваа информација можете да ја дознаете само со земање крв, а ниското ниво на тироиден хормон може да биде предизвикано од недостаток на јод. Ниското ниво на јод во телото го намалува производството на тироидни хормони, што може да доведе до хипотироидизам. Нискиот внес на јод е особено загрижувачки за трудниците, бидејќи може да предизвика спонтан абортус, но и многу други проблеми. Жените во репродуктивна возраст често имаат ниво на јод во телото веднаш над најниската доволна граница.
На повеќето возрасни лица им се потребни 150 микрограми јод, а на трудниците 220 микрограми. Ако готвите со сол или користите сол во вашата исхрана, подобро е да купите јодирана сол. Јодот го има и во морската храна и млечните производи.
Фрактури на коските
Ако ви недостасува калциум, ризикувате да развиете остеопенија, состојба која предизвикува ниска коскена маса и го зголемува ризикот од остеопороза и фрактури на коските. Коските се најсилни околу 30-тата година од животот, а после тоа почнуваат да губат маса. Токму затоа е важно да внесувате доволно калциум, но и да се занимавате со физичка активност.
Мажите и жените пред менопауза имаат потреба од 1.000 милиграми калциум дневно, а на жените во менопауза им требаат 1.200 милиграми. Најдобрите извори на калциум вклучуваат млечни производи и храна збогатена со калциум. Некои зелени зеленчуци (кељ, зелена репка) исто така содржат калциум, но телото тешко го апсорбира од овие извори. Доколку одлучите да земате додатоци во исхраната, поделете ги во две дози и земете ја секоја со оброк.
Пукнатина на кожата околу устата
Иако не е толку вообичаен, недостатокот на витамин Б6 се манифестира преку промени на кожата, вклучително и пукање околу усните или воспален јазик, како и депресија и конфузија. Мала доза на овој витамин во организмот трае неколку недели, па симптомите на недостаток се појавуваат дури кога ќе исчезне од телото.
Луѓето на возраст до 50 години треба да земаат 1,3 милиграми витамин Б6 дневно. Постарите жени имаат потреба од 1,5 милиграми, а на мажите 1,7 милиграми. Извори на витамин Б6 вклучуваат наут, туна, лосос, збогатени житарки, банани и доматен сос, иако во повеќето случаи на оние кои имаат недостаток на овој витамин, лекарот ќе ви препише додаток во исхраната од 50 до 100 милиграми.