Откако на паркетот збогум кажа искусниот Филип Миркуловски, на прес-конференцијата по натпреварот истото го стори и Стојанче Стоилов.
Искусниот пикер стави крај на репрезентативната кариера, кој кажа дека сезоните стануваат тешки, а тој веќе не може да издржи. Столе одржа емотивен говор по победата над Чешка.– Среќен сум што победивме и се пласиравме на Светското првенство. Што се однесува до македонската јавност сакам да најавам крај на репрезентативната кариера цели 15 години. Со гордост го носев овој дрес. Киро за мене секогаш ќе биде капитенот, фала ти за се, за сè што успеавме да направиме и да не направиме. Нема време да ги набројувам сите. Без одмор не можам да терам цела сезона, многу се напорни сезоните, стварно сум на крајот на силите, едноставно телото не ми издржува. Ми беше чест – изјави Стоилов на прес-конференцијата.
Кире Лазаров не можеше да ги скрие солзите по натпреварот, емотивно простувајќи се од Стојанче Стоилов и од Филип Миркуловски.
– Горд сум на сè што се случи на победата, но тагата е голема поради овие двајца. Тажен сум што си заминуваат, Столе ми е потребен. Тие знаат дека секогаш ќе бидам тука за нив, бидејќи навистина ме задолжија и мене и оваа репрезентација. Јас ќе пробам уште еднаш да го премислам бидејќи ќе ми треба на СП, ќе видиме дали ќе успеам – изјави Лазаров.