More

    Новиот закон за повеќејазичност им го загорчува животот на трговците и производителите

    spot_img

    Повеќејазичноста, која станува обврска за производителите, трговците и увозниците во земјава, воведена со новиот Закон за заштита на потрошувачите, за компаниите е нов шок и дополнителен трошок, кој не е неопходен во време на криза. За нив одделни делови од членот 6 од овој закон се неуставни, збунувачки и многу непрактични за приемна. Посебно се револтирани што оваа промена од законот ја немало во предлозите за кои давале мислење, а предлозите што ги дале не биле прифатени, иако биле од суштинско значење за неговата примена.

    Новиот Закон за заштита на потрошувачи, кој беше донесен набрзина во ноември, иако стоеше во Собранието неколку месеци и стапи на сила на 15 овој месец, донесе низа промени кои се однесуваат на подобрувања за потрошувачите, но и обврски за трговците и производителите.

    Според стопанствениците, повеќе негови одредби се спорни за реализација, но мементно најмногу се погодени од членовите 6 и 37 кои го регулираат прашањето за јазиците на кои треба да се пишуваат информациите на амбалажата, приврзоците, налепниците, упатство, декларациите, изјавите, сертификат и/или на другите документи.

    Овие информации, според законското решение, треба да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмокако и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

    Бизинс-заедниците затечени, не виделе вакви измени!?

    Со оваа обврска се засегнати најмалку 13 производни сектори во земјава, велат од стопанските комори, кои реагираат бидејќи не се информирани за оваа обврска која предизвикува нови трошоци за компаниите кои се подолг период во криза.

    – Во ниту еден момент, како Сојуз на стопански комори, не сме консултирани за овој член кој предвидува задолжителни двојазични декларации за производите. Шокирани и изненадени сме од ова законско решение кое не сме го виделе пред неговото донесување. Поради тоа како Сојуз на стопански комори официјално поднесуваме иницијатива за автентично толкување членот и барање за одложена примена на Законот. Ова не е време за импровизации за тоа да се задоволат политички поени на сметка на стопанството коешто едвај врзува крај со крај во економската криза и никако нема цел да ги заштити правта на потрошувачите. Ова е време на мудри одлуки кои нема да поларизираат, туку ќе нè обединат сите заедно полесно да ја пребродиме кризата – велат од Сојузот на стопански комори.

    И Стопанската комора подготвува реакции на овој и на други делови од законот, кои ќе ги објави следната недела, а веројатно ќе бара да се одложи нивната примена. Реакции на законот има од Организацијата на работодавачи, која реагираше и во текот на донесување на законот, но како што велат од таму, ниту едно од нивните барања и предлози не е внесено во законот.

    – Како Организација на работодавачи имавме дебата за новиот Закон за заштита на потрошувачите. Имавме низа забелешки кои ги испративме до подготвувачот на законот, но ништо од она што го предложивме не е прифатено, ниту е внесено во законот. Има делови кои треба веќе на стартот од неговата приемна да се дообјаснуваат и да се менуваат – вели Ангел Димитров, член на оваа Организација и сопственик и директор на конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.

    Според него, кај текстилните производи обврската за двојазичност е неприменлива и чудна, бидејќи главно на етикетите имаат симболи кои важат на сите јазици.

    – Прашањето е политичко и ова законско решение е донесено со политички договор, без консултации со бизнисот кој треба да го спроведува со многу нејаснотии. Еве на пример, зошто на панталони би требало да има етикети на повеќе јазици, ако на нив стојат само симболи кои имаат бројка за големина и симболи за тоа на која температура се пере производот, дали се пегла или дали може да се чисти на хемиско? Дополнително, ако веќе имате производ кој ќе го изработувате 3 или 4 години и за него сте испечатиле етикети и декларации и сте дале пари, дали сега треба да ги фрлите и да печатите нови? Ако се има предвид дека нашите етикети се пишувани според барањата на странскиот партнер за кој произведуваме, зошто би биле обврзани да правиме дополнителни етикети и декларации? И уште повеќе, дали во фабричката продавница на „Мода“ во Свети Николе ние ќе треба да имаме етикети и на албански и други јазици како што пишува во законот? Се разбира, ако немаме ќе бидеме казнети – вели Димитров.

    Според него, обврска етикетите или декларациите и другите документи да се пишуваат на два или повеќе јазици треба да важи за производи кои се важни за здравјето на граѓаните.

    – Разбирливо е ова да биде важно за лекови, за некои прехранбени производи или за техника која се употребува во домаќинствата, каде што е потребно добро да се разбере како се користи, но за текстилен производ тоа воопшто не е важно. Не знаеме како ќе се реализира законот во делот каде што се вели дека етикетите и декларациите ќе се пишуваат и на други јазици. Еве еден практично прашање – како ќе изгледа етикетата на една мастика за џвакање ако е напишана на сите јазици кои се зборуваат во земјава? – вели Димитров.

    Бизнисот прв ја прифаќа двојазичноста, ама според економска логика

    За дел од компаниите кои досега имале етикети и декларации само на македонски јазик и оние кои произведуваат странски брендови во земјава оваа одредба од законот за потрошувачи е нов трошок кој ќе треба да го поднесат и покрај кризата.

    – Во производството на нашите производи, кои се странски бренд, кој не дозволува промена на етикетите, ние нема да можеме да го сториме тоа. Дополнително, тоа е голем трошок за печатење и ангажман на дополнителен број работници за реализирање на оваа сложена процедура. Само печатењето на налепниците е голема сума. Печатење на една налепница е 13 денари и замислете на производството на нашиот бренд од, да речам 500.000 производи, што ќе значи за нас во услови кога купуваме струја по цена од 500 или повеќе евра – вели производител на познат меѓународен бренд.

    Некои производители на прехранбени производи, независно од законското решение, а поттикнати од желбата својот производ да го доближат до сите потрошувачи, подолг период имаат повеќејазични етикети и декларации на своите производи.

    – Ние немаме проблем со спроведување на ова законско решение. Поради нашите потрошувачи од дел од земјава и од Косово, нашите производи се означени четиријазично – на македонски, албански, српски и на англиски. Ова го направивме од практични причини, бидејќи сакаме да им се доближиме на нашите муштерии и на овој начин. Оние производи што ги извезуваме ги означуваме според официјалните јазици на земјата и на македонски. На пример, во Канада и Швајцарија на 3 односно на 4 јазици – македонски, англиски француски, италијански и германски – вели Виктор Петков, директор на „Випро“ од Струмица.

    Според него, практика е во светот ова прашање да се решава факултативно, а не стриктно со закон.

    – Тоа значи дека ознаките се пишуваат на официјалниот јазик, а факултативно, според процената на производителот, може да се пишуваат покрај официјалниот јазик, и на јазиците на потрошувачите каде што се пласира производот. Инаку, ако се бара сега да се пишуваат ознаките на сите јазици што ги говорат граѓаните во една земја, тоа би било многу тешко остварливо. Замислете како би изгледала една етикета во САД. Би требало да биде напишана на најмалку 100 јазици – појаснува тој.

    Горан Малишиќ претставник од мелничката индустрија, вели дека мелниците веќе 10 години имаат декларации на македонски јазик и на јазиците каде што 20 отсто од населението говори друг јазик.

    – Тоа е направено според економската логика, а не според политичката. Оние производители кои досега не го направиле тоа ќе треба да испечатат нови маркици и да ги додадат на пакувањата. Секако, тоа е трошок кој повторно ќе го трпат компаниите. Но, сега ќе биде проблем додавката во законското решение „што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици“. Што тоа значи треба да се појасни, бидејќи ако се однесува на сите јазици кои се говорат во земјава, тогаш тоа нема да може практично да се спроведе. Дополнително, тоа не е во согласност со Уставот – вели Малишиќ.

    Дел од трговците веќе се адаприрале

    Дел од трговските компании веќе се подготвени да ја спроведат новата законска обврска.

    – Имавме доволно време да се подготвивме за спроведување на новиот законско решение, а инспекцијата дополнително помогна што не ни пишуваше казни додека се потроши старата стока. Ние (трговците) немаме обврска да ги менуваме декларациите на сите производи. На 90 отсто од производите декларациите треба да ги сменат добавувачите односно производителите. Ние сме обврзани да ги менуваме декларациите само на производите кои ги увезуваме. Ние веќе сме подготвени и како ќе доаѓаат нови производи така ќе се менуваат и декларациите – вели Кристина Тодоровиќ-Николиќ, генерален извршен директор на „Тинекс“.

    Владата тврди дека немало поплаки

    Законот допрва треба да ги даде ефектите, а неговата примена ќе покаже каде да се менува. Засега нема најава од Министерството за економија и од Владата за одлагање на примената на делови од законот за кои реагираат бизнис-заедниците и компаниите.

    Плусинфо постави неколку прашања до Министерството за економија, но не доби одговори. Во некои медиуми во врска со реакциите, од министерството одговорија дека досега не добиле поплаки за овој закон од ниту една компанија. Оттаму посочуваат и дека пред да биде донесен, за законот немало никакви поплаки.

    – Законот за заштита на потрошувачи е целосно усогласен со европската регулатива. Пред да биде ставен во собраниска процедура предлог-законот беше објавен на ЕНЕР и има позитивно мислење од сите надлежни институции. Можност за забелешки имаше и бизнис-заедницата. Предлог-законот, пред да биде изгласан, беше повеќе од пет месеци во собраниска процедура и немаше забелешки во тој дел – велат од Министерство за економија.

    На терен се и инспекторите кои момено не казнуваат, туку предупредуваат и даваат препораки. Плусинфо праша и во инспекторатот како ќе се однесуваа и што ќе бараат инспекторите во однос на непочитување на повеќејазичноста, но не доби одговор.

    Што вели законот?

    Дел од членот 6 од Законот за заштита на потрошувачите каде што се регулира ова прашање, кој се однесува на општата обврска за информирање на потрошувачите, гласи:

    Трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, сертификат и/или на друг соодветен документ, најмалку следниве точни, целосни и корисни информации за:

    1. белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите;
    2. влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно со важечките прописи и стандарди и
    3. името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот. (2)

    Трговецот е должен информациите од ставот (1) на овој член на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмокако и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

    Во случај на сомневање дали трговецот постапил согласно со ставовите (1) и (2) на овој член, докажувањето е на товар на трговецот.

    Членот пак 37 кој ги регулира општи одредби за предавање на потребните и пропишани документи гласи:

    Трговецот е должен при испораката на стоката или извршувањето на услугата да му ги предаде и да му ги предочи на потрошувачот документите што ги изготвил производителот, увозникот или продавачот на големо заради полесно и сигурно користење на стоките или услугите (декларација, сертификат, гарантен лист, изјава за сообразност, технички упатства, упатства за склопување, составување и/или монтажа, упатства за користење, листа на овластени сервиси и/или друг соодветен документ).

    Трговецот е должен документите од ставот (1) на овој член да му ги обезбеди на потрошувачот напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмокако и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

    Глобите за непочитување на оваа законска обврска, според законот се движат од 500 до 10.000 евра, а ќе ги добијат компаниите и одговорните лица.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img