На руската програма Русија 1, водителката на емисијата 60 минути Олга Скабеева и Алексеј Журављов, пратеник во Думата, зборуваа за тоа за колку секунди интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“ треба да стигне до главните градови на Велика Британија, Германија и Франција, земји кои ја снабдуваат со оружје Украина.
„Сармат“ е нова тешка интерконтинентална балистичка ракета и се очекува Русија да ја опреми секоја со десет или повеќе боеви глави. Русија неодамна успешно тестираше ракета која во круговите на НАТО го има озлогласениот прекар Сатана 2 или Сатановиот син.
– Еден „Сармат“ и толку – Британските острови постојат, Британските острови повеќе не постојат. Сериозен сум – рече Журавлев, пренесува порталот Правда.
Пратеникот од Думата, Евгениј Попов од партијата Единствена Русија предупреди дека и Британија има нуклеарно оружје, а во случај Русија да ја искористи ракетата „Сармат“, „никој нема да преживее, никој нема да остане на планетата“.
– Никогаш не кажувај никогаш – одговори Журавлев.
– Ќе почнеме од почеток – коментира Скабеева. Таа изјави дека времето на летот на „Сармат“ од Калининград до Берлин е 106 секунди, од Калининград до Париз – 200 секунди, а до Лондон – 202 секунди.
Сметајте ја секоја секунда
Во етерот беше прикажана графика со натпис „Време на лет на ракетите RS-28 Sarmat до главните градови на земјите кои ја снабдуваат Украина со најмногу оружје“.
– И на нив (западните земји) треба да им се покаже оваа слика. Бројте ја секоја секунда. За што ќе имате време? – рече Журавлев.