Нов шок за земјоделците пред почетокот на есенската сеидба. Вештачките ѓубрива добија нови цени, а нема гаранција дека ќе ги има во доволни количини во текот на целиот процес на одгледување на културите. Земјоделците велат дека тоа ќе влијае и на приносите на културите, но и на откажување од земјоделство на голем број семејства поради енормниот пораст на трошоците, а ниските цени на нивните производи.
– Во вакви услови може да се очекува само намалување на производството бидејќи нашите трошоци од сезона во сезона драстично растат. Азотните ѓубрива достигнаа цена од 1600 денари за вреќа од 25 килограми. Замислете дека на хектар пченица земјоделецот треба да фрли од 250 до 450 килограми само пред почетокот на сеидбата, а има уште две до три прихранување во текот на сезоната. Колкави се трошоците само за прихранување. Семенскиот материјал во август драстично поскапе, по обичај како и пред секоја сеидбена сезона. Последниве години поради климатските промени има зголемен број плевели кои исто така треба да се третираат неколку пати. Сето тоа се трошоци кои поради ниските откупни цени земјоделецот не може да ги врати и сѐ почесто имаме случаи кога се откажуваат од производство и ги оставаат необработени нивите – вели Ристо Велков од синдикатот на земјоделци.
Според него, земјава може да се соочи со недостиг на храна, како и голем дел од Европа каде што во земјоделските земји се намалува производството поради високите трошоци.
Пресметките и на Државниот завод за статистика се дека трошоците на земјоделците се повисоки од нивните приходи. За една година трошоците им се зголемиле за 22,6 отсто. Според Статистика, ѓубривата за една година поскапеле за 57,6 отсто, а само во август годинава за 63,4 отсто. Трошоците, пак, за горива и мазива во август пораснале за 114,8 отсто, а за една година 40,1 отсто. Семенскиот материјал за една година поскапел за 4,1 отсто, но во август цените на семињата просечно скокнале за 12,6 отсто.
Трговците велат дека не можат да гарантираат иста цена на ѓубривата и на другите репроматеријали до крајот на една производна сезона, бидејќи за нив секоја нова пратка е со нова цена. Производителите поради промената на цената на нивниот производ на берзите не дозволуваат поголеми нарачки, па сето тоа говори дека годинава ќе биде неизвесна за набавката на ѓубрива.
– Мислам дека годинава нема да биде проблем цената на вештачките ѓубрива која расте со секоја нова набавка, туку дали ќе може да се набави бидејќи дел од фабриките веќе ги затворија погоните, а оние кои работат не испорачуваат големи количини поради секојдневниот скок на цената на берзите. Еве ние набавуваме ѓубрива од Грција, бидејќи од Србија имаме големи транспортни трошоци, и производителот ни вели само два камиона може да се набават во текот на една недела. За секоја нова нарачка имаме и нова цена на ѓубривото, а поради високата цена на транспортот цената до производителот уште расте – вели Никола Ѓероски, сопственик на компанијата „Биспромет“ од Битола која врши дистрибуција во југозападниот дел од земјава.
Моменталната цена на ѓубривата, додава тој е од 1500 до 1600 денари за вреќа од 25 килограми од азотните ѓубрива и 1400 до 1500 денари за ѓубривото 15-15-15. Ако се погледне понудата и кај другите трговци со ѓубрива цените се приближно исти. Може да се најде и за цена од 1250 до 1350 денари зависно трговецот, од видот на ѓубривото и од производителот.
Така за основно ѓубрење на површините пред есенската сеидба на земјоделците ќе им бидат потребни од 250 до 450 килограми вештачко ѓубриво на хектар, за сончоглед од 200 до 400 килограми, а за јачменот од 250 до 400 килограми. Што значи зависно од културата од 10 до 18 вреќи ѓубриво по 25 килограми, или од 14.000 до 25.200 денари ако ја користат најниската граница на прихрана.
Но зависно од трговецот и од каде се снабдува со вештачки ѓубрива цената е различна.
Ѓероски вели дека ваквата состојба со цената на ѓубривата е предизвикана од војната во Украина и санкциите кон Русија и цената на гасот која се користи во производството.
– Сè додека трае војната не може да се очекува стабилизирање на цените на минералните ѓубрива и другите репроматеријали – вели Ѓероски.