Александар Јосифовски го освои второто место, а Белма Хусеинефендиќ беше пласирана меѓу првите десет во мегапопуларното музичко шоу Ѕвездите на Гранд.
Патем, пласманот и не е важен туку можноста нивните таленти, енергии и музиката што ја имаат во вените, да се спојат во дует а истиот да има премиера на 29-тото издание на „Охрид фест“, на Интернационалната вечер на 3 септември.
Песната што тие ќе ја изведат се вика „Глупаво е да си сам“, а ја потпишуваат Горан Шарац-музика, Огнен Неделковски- текст и Александар Валенчиќ- аранжман.
„Со Белма се знаеме од предминатата сезона и некако веднаш се споивме со тие наши енергии. Оттогаш сакаме да направиме нешто заедно, секоја средба кулминираше со муабет за дует, кој еве ќе се случи на „Охрид-фест“. Штом Горан Шарац ми ја пушти песната, си реков- тоа е тоа! Му благодарам што му текна на нас, што еве музички ја спојуваме Македонија и Босна и со здружени сили очекуваме добар фидбек од публиката. Инаку, кога ѝ се јавив на Белма со веста дека ќе правиме дует, таа веднаш се согласи, а дури отпосле ја слушна песната. И така тргна: снимањето беше на две страни- таа во Босна, јас – тука, бевме воодушевени кога ја слушнавме и да, едвај чекаме да настапиме“, вели Александар.
Спотот ќе се снима во септември и како што не информира Александар, ќе биде и убав и откачен и ќе ја има нивната енергија. „Глупаво е да си сам“ ќе се снима и за Гранд продукција, во српска верзија, но најважно од се е што премиерата на песната, за која уште од сега многу се зборува е на „Охрид фест“.
Им посакуваме многу среќа, сето останато го имаат!