Наташа Габер-Дамјановска, Емилија Шопар-Јованова и Ненад Савески се тројцата кандидати за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители меѓу кои треба да се избере еден на денешната седница на Управниот одбор (УО) на Академијата.
Досегашната директорка Наташа Габер-Дамјановска конкурираше за втор четиригодишен мандат, Ненад Савески е судија од Основниот Кривичен суд Скопје, а Емилија Шопар-Јованова е судијката од Основниот граѓански суд Скопје.
Првиот обид за избор, кој се одржа летово, беше неуспешен. На претходниот оглас од сега пријавените кандидатура поднесе само Габер-Дамјановска. Противкандидатка ѝ беше судијката Оља Ристова од Кривичниот суд. Меѓутоа, на седница на 30 август, ниту една од кандидатките не го доби потребниот број гласови.
По истекот на мандатот на Габер-Дамјановска на 30 ноември, како вршители на должност директор на Академијата беше назначен судијата Зоран Герасимовски кој е и член на Судскиот совет, но тој по укажување од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) дека има судир на интереси, поднесе оставка од в.д. директор. Истиот ден, на седница на УО, привремено до денешниот избор, на функцијата беше поставен Бесир Алиу, обвинител од Тетово.