More

    Ништо не е како што изгледа во романот „Штама“

    spot_img

    Нова генерација писатели на крими и трилер романи доминира последниве години во Европа. Меѓу нив се вбројува и исландската писателка Ирса Сигурдардотир. По неколкудецениската доминација на Агата Кристи во овој жанр, крими и трилер романите повторно се мошне актуелно четиво за публиката, а особено се предизвикувачки тренд за писателите.

    Роман што нема да го испуштите од раце додека не ја затворите последната страница е „Штама“ (Антолог, 2022) на Ирса Сигурдардотир. Преполн со заплети, изненадувања, пресврти, насочувања кои го тераат читателот и самиот да води истрага и да претпоставува кој и зошто го сторил делото. И кога во претпоследното поглавје ќе си помисли дека тоа е крајот и објаснувањето, сепак Сигурдардотир додава уште едно поглавје во кое ја доотплеткува приказната и ѝ дава смисла.

    Писателката навлегла во човечката психа до таа мера што има објаснување за секоја постапка на ликовите без разлика дали таа е добра или не. Авторката особено ја привлекуваат постапките на ликовите кои се мотивирани од нивната немоќ поради што често прават грешки кои потоа се провлекуваат со децении, го насочуваат животот на идните генерации и во трагичната спирала вовлекуваат и други невини луѓе.

    Сигурдардотир успеала да реализира палета од ликови кои подеднакво вешто ја заплеткуваат и ја отплеткуваат сложената ситуација во која се инволвирани. Една бремена шефица на полицијата која крие кој е таткото на нејзниото бебе и пцуе како кочијаш, една неискусна психологина која треба да го долови профилот на личноста на убиецот кој убил жена и ѝ ја отсекол главата а телото го распарчил, двајца хомосексуалци чие нелегално посвоено бебе од сурогат мајка ненадејно е заменето со мртво бебе во колевката, алкохоличар кој излегува од затвор, депресивна мајка, очаен татко чие девојче болно од леукемија умира поради тоа што се заразува со морбили од невакцинирано дете…

    Рој навидум неповрзани настани, рој сплетови на несреќни околности кои поврзуваат три семејства во нивните лични и засебни трагедии. Двигателите на дејството се всушност ликовите кои барајќи среќа за себе и за своите блиски, негирајќи ги личната и потенцијалната туѓа трагедија, подлегнале на искушението да преземат дејства кои ќе повредат други луѓе и ќе ги вовлечат во спиралата на очајот и на реваншизмот.

    Сигурдардотир одлично ги доловила „малите“ постапки кои ги прават обичните луѓе во секојдневниот живот а кои потоа предизвикуваат лавина негативни последици во нивните животи. Малата лага, неискреноста, непочитувањето на прописите за вакцинација, егзистенцијалните побуди, гревот и отплатата на гревот, премолченото соучесништво, закрилата на родителот за гревот на детето, се само дел од мотивите кои вешто ги вклопила во својот роман исландската писателка. Таа, всушност, мошне реално ни прикажува колку се поврзани нашите животи дури и со оние луѓе кои не ги познаваме, со кои случајно еднаш ќе се сретнеме. Сето тоа ја пренесува пораката дека треба да се биде свесен за своите постапки, да се биде искрен и особено – додека се бара личната среќа да се одбегне создавањето туѓа несреќа.

    Одличен роман за љубителите на трилер жанрот, кои преку „Штама“ ќе нурнат во еден комплициран криминален случај кој вреска од сигнали за пропустите на индивидуата и на општеството.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img