Леб, брашно, млеко и зејтин ќе има, обезбедуваме доволно храна за сите граѓани – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на прес-конференција, на која информираше дека за млекопроизводителите се обезбедени уште 140 милиони денари поддршка, покрај основните и дополнителните субвенции.
Николовски рече дека е обезбедено основните училишта, преку општините, да добиваат јаболка за учениците, со што се помагаат како производителите, така и семејниот буџет на родителите чии деца ќе имаат здраво македонско овошје за време на наставата.
Покрај основните и дополнителните субвенции, за млекопроизводителите преку Интервентниот фонд се обезбедени уште 140 милиони денари, рече Николовски. Поддршката е за литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети од 1 октомври 2021 година до 30 септември годинава. Мерката е усвоена на денешната владина седница. Како што објасни Николовски, 140-те милиони денари се предвидени во Интервентниот фонд, а се обезбедени со ребалансот на Буџетот зашто се навреме побарани.
– Мерката е итна и многу брзо ќе се реализира. Целта е намалување на трошоците и загубите на мелкорпозводителите кои се јавија со последните поскапувања на репроматеријалите и сточната храна поради кризата – рече министерот.
Тој повтори дека веќе се исплатени 670 милиони денари на над 20.000 сточари, а до 31 декември годинава сите долгови кон сточарите по основа на субвенции ќе бидат целосно исплатени.