More

    Нема ли да биде пострашно од Чернобил?

    spot_img

    Цели три недели трае неизвесноста што ја создава рускиот претседател Владимир Путин преку заканите дека Русија наскоро би можела да го активира нуклеарното оружје и за миг да ја збрише Украина од мапата на светот.

    Додека едни безбедњаци не ги сфаќаат сериозно неговите ветувања и сметаат дека рускиот претседател само сака да се пофали со моќниот арсенал што го поседува руската армија, други велат дека првиот човек на Москва не се шегува и дека е крајно сериозен во намерите да предизвика нуклеарна катастрофа, проследена со страшни последици по животите на Европејците.

    А што прави народот во случајов? Народот паничи! За тоа колку е паниката огромна говори податокот дека луѓето во многу земји, вклучувајќи ги Русија, Шведска, Финска и Хрватска, во последните денови го купуваат целиот јод во аптеките, што се смета за прва линија на заштита на тироидната жлезда од зрачење предизвикано од нуклеарна експлозија.

    За нивото на страв укажува и фактот што на социјалните мрежи и во медиумите во последните денови сè почесто се зборува за можните последици од целосна нуклеарна војна. Според некои, постојното нуклеарно оружје може многукратно да го уништи целиот живот на Земјата. Ова може да се сфати и како неосновано претерување и преувеличување, но експертите предупредуваат дека жртвите би биле огромни дури и ако нападот е регионален, со релативно мал размер.

    Сепак, она што нас најмногу нѐ интересира во моментов е како врз нас ќе се одрази евентуалната нуклеарна бомба која би била фрлена, на пример, врз Украина?! Ќе претрпиме ли изгореници од експлозијата? Ќе се соочиме ли со слепило? Ќе имаме ли доволно безбедна храна која не е радиоактивна? Ќе биде ли неопходно да се криеме во бункери и во скривници? Треба ли да внесуваме јод во организмот како заштита од зрачењето?

    Одговорите на сите овие прашања ќе ги пронајдете подолу во текстот.

    Да се зачистат скривниците

    Професорот од Факултетот за безбедност Борис Мургоски во разговор за Плусинфо вели дека не верува дека Путин би имал храброст да го притисне црвеното копче.

    Потребно е во овој период да ги проверат и да се подготват сите скривници и бункери во земјава. За секој случај.

    Борис МургоскиПрофесор на Факултетот за безбедност

    – Не би сакал да верувам дека рускиот претседател Владимир Путин е доволно луд за да направи такво нешто и да предизвика нуклеарна катастрофа. Сметам дека здравиот разум ќе преовлада и дека војната во Украина наскоро ќе згасне. Ваквите негови најави за евентуално користење на нуклеарното оружје засега ги сметам само како обична закана, односно предупредување до противниците. И не верувам дека ни самиот Путин има храброст да го притисне црвеното копче, со чија помош за само неколку минути ќе згаснат безброј многу животи, а ќе се уништат и безброј нови генерации – вели Мургоски.

    Тој апелира до граѓаните да излезат од неизвесноста и да живеат без страв.

    – Не смееме да си дозволиме да губиме воздух и здив поради стравот од евентуална нуклеарна експлозија некаде во светот. Мораме да се справиме со паниката и да излеземе од неизвесноста. Сепак, институциите не смеат да спијат и треба со ширум отворени очи да ја следат ситуацијата. Потребно е во овој период да ги проверат и да се подготват сите скривници и бункери во земјава. Не знам колку тие би помогнале при нуклеарна експлозија, ама потребно е да се спремни. За секој случај. Зошто да немаме простории каде што би можеле да се засолниме? За другите работи тогаш ќе размислуваме – рече Мургоски.

    Ќе ни се сменат навиките

    Владимир Петрушевски-Фили, професор во пензија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, посочува дека ќе мора да смениме некои навики во животот доколку биде фрлена нуклеарна бомба врз Украина.

    Проф. Петрушевски: Храната е таа што прва страда од радиоактивните дождови, бидејќи врз растенијата и врз почвата се лепат честичките кои се опасни за човекот.

    – Не сум сигурен дека пиењето јод ќе помогне за да се спречат последиците кои неминовно би се следувале доколку би се случила нуклеарна експлозија. Таа помош е прилично парцијална, бидејќи постојат еден куп радиоактивни изотопи коишто при фисиона реакција се ослободуваат и загадуваат. Сепак, многу е важна локацијата каде што би паднала бомбата. Но, доколку, да речеме, експлозијата би се случила во Украина, тогаш ќе нѐ снајде истото што нѐ снајде во 1986 година со Чернобил. И тогаш мерките беа прилично благи, а ако се сеќавате, не купувавме градинарски производи и внимававме каква храна внесуваме во организмот, бидејќи постоеше реална опасност таа храна да биде загадена, односно озрачена. Храната е таа што прва страда од радиоактивните дождови, бидејќи врз растенијата и врз почвата се лепат честичките кои се опасни за човекот. Сепак, доколку се случи таква катастрофа, веднаш ќе пристигнат совети и наредби, па бадијала е сега да разговараме на тема што би било доколку би било. Доволно ни е стресен животот и доволно е тешка неизвесноста во којашто нѐ држи рускиот претседател, па сметам дека добро би било да почнеме да размислуваме позитивно – објаснува Петрушевски.

    Ако бомбата падне во Украина, додава тој, тогаш не треба да се плашиме од евентуални изгореници и други директни повреди од експлозијата.

    – Премногу сме далеку за да почувствуваме било каква болка од евентуалната нуклеарна бомба која би паднала во Украина. Ефектот на зрачењето опаѓа со растојанието. Значи, ако експлозијата се случила на одалеченост од 100 километри, тогаш зрачењето ќе биде 100 пати посилно од тоа што ќе се чувствува на одалеченост од 1.000 километри. Ако растојанието биде 10 пати поголемо, тогаш ефектот ќе биде 100 пати помал. Па кога ќе пресметате колкава е одалеченоста помеѓу Македонија и Украина, тогаш ќе сфатите дека зрачењето овде би било прилично минимално. Доколку, не дај Боже, се случи таква катастрофа, бидете сигурни дека упатставата експресно ќе пристигнат. И тогаш треба да се дејствува, бидејќи однапред човек може да си наштети самиот на себеси – објаснува професорот.

    Плусинфо побара мислење и од Дирекцијата за радијациона сигурност, но сѐ до објавувањето на текстот, одговор не добивме.

    Колку треба да сте далеку за да преживеете?

    Не постои јасен начин да се процени влијанието на една нуклеарна бомба, бидејќи тоа зависи од многу фактори, вклучително и временските услови на денот кога е фрлена, времето од денот кога е активирана, географската поставеност на местото каде што удира и дали експлодира на земја или во воздух.

    Но, општо земено, постојат некои предвидливи фази на експлозија на нуклеарна бомба што можат да влијаат врз веројатноста за преживување.

    Како што е наведено во видеото изработено од тимот „AsapScience“, кој има за цел да предвиди колкава е веројатноста да се преживее нуклеарна експлозија, приближно 35 отсто од енергијата на нуклеарната експлозија се ослободува во форма на топлинско зрачење. Бидејќи топлинското зрачење се движи приближно со брзина на светлината, првото нешто што ќе ве погоди е блесок на заслепувачка светлина и топлина. Самата светлина е доволна за да предизвика нешто што се нарекува блиц слепило – обично привремена форма на губење на видот што може да трае неколку минути.

    Видеото ни сервира анализа за бомба од 1 мегатон, која е 80 пати поголема од бомбата детонирана над Хирошима, но многу помала од многу модерни нуклеарни оружја. За бомба со таква големина, луѓето до 21 километар би доживеале блескаво слепило на ведар ден, а луѓето до 85 километри ќе бидат привремено заслепени во ведра ноќ. Топлината е проблем за оние што се поблиску до експлозијата. Благите изгореници од прв степен може да се појават на оддалеченост до 11 километри, а изгореници од трет степен може да имаат лица оддалечени до 8 километри. Изгорениците од трет степен, кои покриваат повеќе од 24 отсто од телото, веројатно би биле фатални доколку луѓето веднаш не добијат медицинска нега.

    Овие растојанија се променливи, во зависност не само од времето, туку и од она што го носите на себеси – белата облека може да рефлектира дел од енергијата на експлозијата, додека потемната облека ќе ја апсорбира. Малку е веројатно дека тоа ќе направи голема разлика за оние што се доволно несреќни да бидат во центарот на експлозијата.

    Температурите во близина на местото на експлозијата на бомбата во Хирошима се проценуваа на 300.000 Целзиусови степени, што е приближно 300 пати потопло од температурата на која се кремираат телата. Но, за оние малку подалеку од центарот на експлозијата, има и други ефекти што треба да се земат предвид, освен топлината. Експлозијата на нуклеарна бомба го оддалечува воздухот од местото на експлозијата, создавајќи ненадејни промени во воздушниот притисок што може да скрши предмети и да урне згради.

    Во радиус од 6 километри од бомба од 1 мегатон, експлозивните бранови би создале 180 метрички тони сила на ѕидовите на сите двокатни згради и брзина на ветерот од 255 км/ч. Во радиус од 1 километар, максималниот притисок е четирипати поголем од тој износ, а брзината на ветерот може да достигне 756 км/час. Технички, луѓето можат да издржат толку голем притисок, но повеќето луѓе би биле убиени при уривањето на зградите.

    Ја преживеавте експлозијата? На ред е радијацијата! 

    Не ни бега труењето предизвикано од силната радијација – и нуклеарните последици. Тимот научници од „AsapSCIENCE“ тврди дека тековните ефекти на планетата се подолготрајни отколку што може да очекувате.

    По самата експлозија, ослободената радијација е втората најголема закана од бомбата. Радијацијата е најсилна веднаш по експлозијата, но добрите вести се дека потоа брзо се намалува. Радиусот на кој ќе се прошири радијацијата од експлозијата зависи од моќноста на бомбата.

    Седум часа по експлозијата, радијацијата ќе биде намалена на 10% од првичното количество, а по 48 часа ќе се намали на 1%.

    На пример, една симулациска студија објавена во 2019 година покажа дека нуклеарна војна меѓу САД и Русија ќе ја втурне Земјата во нуклеарна зима за неколку дена поради нивото на чад и саѓи што се ослободуваат во атмосферата.

    Знаеме и дека радиоактивните честички можат да патуваат неверојатно далеку, а една неодамнешна студија покажа дека остатоци од радиоактивен јаглерод од тестовите на нуклеарни бомби во Студената војна се пронајдени во Маријанскиот Ров, најдлабоката точка на светските океани.

    Оние кои ќе ја преживеат експлозијата, но потоа се изложени на овој нуклеарен, односно радиоактивен отпад, можат да се соочат со многу здравствени проблеми подоцна во животот.

    Радиоактивниот отпад може да биде разнесен од ветрот и да ги загади почвата и водата, но и животните и растенијата што ги користиме за прехранување. Со други зборови, радијацијата буквално ќе го раскине синџирот на исхрана.

    Ова може да го зголеми ризикот од разни болести, како рак, но и мутации и секакви нарушувања кај луѓето.

    Затворете ги прозорците, покријте ги очите, легнете на земја

    Од Центарот за контрола и превенција на болести во САД имаат споделено неколку совети за тоа што треба да направите доколку се случи нуклеарна експлозија.

    – Ако сте во близина на експлозијата, свртете го грбот кон неа и покријте си ги очите за да ги заштитите. Препорачливо е да легнете на земјата со лицето свртено надолу и рацете поставени под телото. Останете во таа положба додека да помине топлината, како и двата „шок-бранови“ (shockwaves).

    – Доколку сте надвор кога ќе се случи експлозијата, веднаш покријте ги носот и устата со шал или каква било ткаенина. Пробајте да ја истресете и прашината од вас (без да ги откривате носот и устата). Брзо најдете засолниште, како подрум, а потоа соблечете ја облеката во случај на неа да има радиоактивен отпад. Пожелно е и да се истуширате со многу вода.

    – Ако сте во домот, добро затворете ги сите врати и прозорци додека да помине облакот со радиоактивниот отпад.

    Купувајте билети за Аргентина

    Научниците од Универзитетот Рутгерс во американската сојузна држава Њу Џерси спроведоа истражувања коишто покажаа дека Австралија и Аргентина, во случај на хипотетичка нуклеарна војна и апокалипса, најдобро би се справиле со нејзините последици.

    Списанието „Нејчр фуд“ (Nature Food) објави сценарио за судир каде што би се користело нуклеарно оружје… Според научниците, атомските бомби фрлени врз град и индустриски центри, ќе предизвикаат пожари, а атмосферата ќе биде загадена и поради честички од огнот. Последици на сѐ тоа ќе бидат климатски промени и намалување на залихите на храна на копното и во океаните.

    „Доколку повеќе од 150 тераграми (150 милијарди килограми) чад се испушти во атмосферата, употребата на жито ќе се намали за околу 90% во рок од три до четири години по апокалипсата“, предвидуваат експертите.

    Мапите објавени од научниците покажуваат дека Австралија и Аргентина ќе може да одржуваат оптимален внес на храна и килокалории по глава на жител на ден, дури и со најголема количина на загадувања со чад и штетни гасови во атмосферата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img