„Денес разговаравме, но немаме добри вести за јавноста. Штрајкот ќе продолжи. Немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во одреден процент. Повеќе се зборуваше за продолжување на наставата и како ќе се надополнат часовите. Околу ова имаме исти став дека преговорите треба да се интензивираат. Од таа причина од МОН очекуваме да излезат со конкретен предлог и некаков допис како гаранции“.
Вака изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков после состанокот со Министерството за образование и наука околу прекинување на штрајкот и исполнување на барањата на просветните работници.
Според Неделков, сѐ ќе зависи од МОН и Владата со предлог.
– Сите сме расположени за прекин на штрајкот, но членството треба да одлучи околу таа одлука. Немаме добиено никаков предлог и не можеме да зборуваме за сума. Во правец на наставата се одвиваа разговорите. Ние сме со став дека не треба да се продолжи учебната година, може и во предвидениот рок да се надополнат пропуштените часови – рече Неделков.
Претседателот на СОНК додаде министерот Шаќири не знае колку ќе биде покачувањето на платите, но дека ветил дека ќе се зголемат.
– Продолжуваме со преговори во секое време кога ќе побараат од нас – потенцира Неделков.