Вклучен е и вториот котел во ТЕЦ Неготино и термоелектраната моментално работи со полн капацитет, соопшти ЕСМ.
Како што е соопштено, вториот котел е синхронизиран на мрежа пред 42 часа, по сите протоколи на вклучување, односно по првично стабилизирање на системот со работа со еден котел.
„ Согласно планот за производство, ТЕЦ Неготино треба непрекинато да работи со два котли до крајот на април. Покрај ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ произведува преку два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните и ветерниот парк. Се прават подготовки за стартување и на Блок 3 по пристигнувањето на носечката единица од трансформаторот“, се наведува во соопштението.
Од компанијата додават дека целосно од сопствено производство ги задоволува потребите за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи, како и значаен дел од количините за дополнителни снабдувања по одлуки на Владата.
„Помал дел од количините за дополнителни снабдувања преку ЕСМ Продажба се набавуваат, а се однесуваат на последните мерки за снабдувања на училишта, јавни претпријатија и дел од стопанството“, се вели во соопштението.