Серијата земјотреси, од кои најсилниот беше со интензитет од 7,8 степени по Рихтер, што ги погоди јужните делови на Туркије и Сирија, веќе однесе повеќе од 4.000 животи. Се очекува бројот на жртвите да продолжи да расте додека спасувачите извршуваат операции во тешки временските услови, ниски температури и снег, за да извлечат луѓе затрупани под урнатините.
И покрај современата технологија за надгледување на сеизмичките активности на тектонските плочи, како и на технолошките можности за асеизмичката градба, земјотресите и натаму се едни од најсмртоносните природни катастрофи. Според статистиките на ООН, од 1998 до 2017 година вкупниот број на жртви на сите земјотреси во светот изнесувал 750.000, што е половина од сите вкупни случаи предизвикани од природни катастрофи.
Како главна причина за тоа може да се посочи преголемата и несоодветна урбанизација, како и непочитувањето на стандардите за градење. Токму затоа се случува земјотреси со речиси иста јачина да предизвикаат многу различен број на жртви. Според јачината овој земјотрес во Туркије може да се спореди со земјотресот во Непал од 2015 година, во кој загинаа дури 8.800 луѓе.
Еве некои од најсмртоносните земјотреси во светот од 2000 година досега:
22 јуни 2022 година:
Во земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер загинаа повеќе од 1.100 луѓе во Авганистан.
14 август 2021 година:
Во земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтер загинаа повеќе од 2.200 луѓе на Хаити.
28 септември 2018:
Земјотрес со јачина од 7,5 степени во Индонезија – 4.300 жртви.
25 април 2015 година:
Во Непал, повеќе од 8.800 луѓе загинаа во земјотрес со јачина од 7,8 степени.
11 март 2011 година:
Земјотрес со јачина од 9 степени во близина на северниот брег на Јапонија предизвика цунами во кое загинаа речиси 20.000 луѓе.
12 јануари 2010:
Во земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала на Хаити загинаа околу 316.000 луѓе, според владините проценки.
12 мај 2008:
Земјотрес со јачина од 7,9 степени ја погоди централната кинеска провинција Сечуан, при што загинаа повеќе од 87.500 луѓе.
26 мај 2006 година:
Повеќе од 5.700 луѓе загинаа по земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала што го погоди индонезискиот остров Јава.
8 октомври 2005 година:
Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала уби повеќе од 80.000 луѓе во пакистанскиот дел на Кашмир.
28 март 2005 година:
Земјотрес со јачина од 8,6 степени во Северна Суматра, Индонезија – околу 1.300 жртви.
26 декември 2004:
Цунами бранови во Индискиот Океан предизвикани од земјотрес со јачина од 9,1 степени во Индонезија убиле 230.000 луѓе во десетици земји.
26 декември 2003 година:
Земјотрес со јачина од 6,6 степени во југоисточен Иран уби 50.000 луѓе.
21 мај 2003 година:
Повеќе од 2.200 луѓе загинаа во земјотрес со јачина од 6,8 степени во Алжир.
26 јануари 2001 година:
Земјотрес со јачина од 7,7 степени ја погоди индиската држава Гуџарат, при што загинаа 20.000 луѓе.