Народна песна за Гоце Делчев од неговиот роден Кукуш успеал да сними на лента познатиот режисер Јани Бојаџи за неговиот незавршен проект „Беше еднаш во Македонија“. Текстот кој зборува за тоа како кукушани дознаваат за смртта на Гоце во Баница и биле „расплакани и нажалени, а глас се слушнал од Солуна до Кукуша и до Битолско“ бил запишан во книга на Коста Пеев, познатиот професор македонист и славист. Бојаџи вели дека мелодијата потоа му ја испеал учителот Симо Минов од Иловица. Тој ја постирал песната на Фејсбук.
Гоце Делчев меѓу народот бил именуван како „апустољот“ и „бај Гоце“, што всушност значи и повеќе од „господин“ или „сер“ на англиски.
Изведбата е на актерката Тинка Ристевска, а Ване Крстевски потоа на кукушки „бежански“ дијалект зборува за Делчев, со зборови кои се повторно извадок од книга на Пеев.