Управниот одбор на Здружение на судиите на Република Северна Македонија на денешната седница, расправајќи за новонастанатата ситуација во Апелационен суд Скопје, а по повод конкретна судска одлука, повикува на воздржаност и професионално однесување на сите чинители на општествено политичкиот живот, особено носителите на јавни функции од сите власти. Во соопштение до јавноста Здружението го изјави следното:
„Воедно ги повикуваме надлежните судски власти, да ја разјаснат конкретната ситуација, согласно нивните законски овластувања и навремено да ги презентираат наоѓањата пред пошироката јавност, а во насока на намалување на шпекулациите, кои не го рушат само судскиот интегритет туку и севкупното функционирање и доверба во државните институци“, се вели во написот и се додава:
„Различните државни власти овозможуваат функционалност на една демократска државата само доколку секоја пооделно се фокусира на своите надлежности, притоа исполнувајќи ги должностите кои произлегуваат од нивната Уставна поставеност“.
„Управниот одбор најостро ги осудува нападите врз судиите од било која страна, вклучително и говорот на омраза, кој прераснува во хроничен дефокус од потребите и заложбите на правосудниот сектор. Од друга страна, Управниот одбор ги повикува судиите да го потврдат својот интегритет, преку нивните одлуки и секојдневно однесување, истовремено охрабрувјќи ги медиумите на сеопфатно и објективно пренесување на случајот, со цел овозможување соодветни предуслови за реална перцепција од страна на општата јавност“.