Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој како претседавач со ОБСЕ го одбра Киев за своја прва дестинација, ја прифати пропагандата на режимот во Киев и во своите изјави воопшто не ги спомна жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили, реагираше Амбасадата на Руската Федерација во Скопје со објава на својот службен профил на Фејсбук.
„Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи вчера во Украина шпекулираше за ‘жртви на руската агресија‘, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев. Но, кога пристигна во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Доњецк и Макеевка (во ДНР): има мртви, ранети сѐ уште беа под урнатините“, пишува во објавата на руската амбасада.
Оттаму уште реагираат дека Османи досега не споменал, како што велат, жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили, како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници.
„Се работи за луѓето“, велите? – пишува во реакцијата од амбасадата.
Османи за време на посетата на Украина го осуди рускиот напад на станбена зграда во Днипро, каде што загинаа повеќе од 40 лица, вклучувајќи и деца, а повеќе од 70 се ранети.
– Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна – рече Османи.