Во неделата на познатата улица Истикал во Истанбул се случи силна експлозија во која животот го загубија шест лица, а десетици беа повредени. Во близина на експлозијата бил и турист од Белград, кој на Н1 раскажал како изгледало се во моментите по експлозијата и ја опишал паниката што настанала.Тој вели дека со трамвајот се качил до кулата Галата, а кога се доближил до неа дознал дека неполн час пред тоа се случила експлозија.
„Видовме што се случува. Ние останавме таму, таму беше и полицијата. Видовме хеликоптери и слушнавме серија рафали, веројатно 30 истрели. Луѓето почнаа да бегаат во паника, некои отидоа во кафулиња, некои бегаа“, изјави тој за N1. Меѓу оние кои влегле во кафулето, вели, бил самиот тој, но брзо излегол на главната улица бидејќи не се чувствувал безбедно внатре.
„Видовме дека полицијата затвори се. Не пуштија да се вратиме назад бидејќи пукањето се случи таму од каде што дојдовме“, рече тој и додаде дека се вратил пеш по друга рута и сега е безбеден.
Турската полиција не потврди дали едно лице е убиено во престрелката.
Забрана за емитување снимки од експлозијата
Зборуваше и конзулот на Босна и Херцеговина во Турција, Синиша Михаиловиќ.
„Имам информации дека во истрагата се вклучени дури осум државни обвинители, како и двајца нивни заменици. Забрането е да се емитува каква било снимка од експлозијата бидејќи знаеме дека улицата е полна со туристи, особено викендов и сите се на мобилните телефони, сигурно некој нешто снимил. Во овој момент сите погледи на Турција и надвор од Турција се насочени кон истражните органи“, рече Михаиловиќ.
Според турските медиуми, главното обвинителство во Истанбул покренало истрага и повеќе обвинители се занимаваат со случајот. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред патувањето во Индонезија одржа вонредна прес-конференција на аеродромот, од која рече дека се чувствува „смрдеата на тероризмот“. Ердоган, исто така, рече дека првите индиции укажуваат дека жена може да биде одговорна за експлозијата.
Турската полиција излезе со информација дека покрај жената сега има и двајца мажи родени по 2000 година кои сега се осомничени.