More

    Моловите ги затворија атрактивните и скапи продавници во Скопје

    spot_img

    Празни продавници со натпис „се издава“ или „се продава“ се почесто се гледаат во центарот, но и во другите делови на Скопје. Слична е состојбата и со старите трговски центри (ГТЦ, „Скопјанка“, „Беверли Хилс“ и „СП Планет“) каде што повеќе од една третина од продавниците зјаат празни. Градежници велат дека оваа појава е актуелна повеќе години како резултат на новиот тренд на купување во молови кои обезбедуваат престој за цело семејство и до нив брзо се стигнува, но и на намалената куповна моќ на граѓаните. Според нив, веќе треба да се размислува и за промена на градежните планови и во станбени објекти освен за канцелариски објекти и дуќани за храна да не се планираат други деловни простори.

    Градежниците велат дека моловите го променија начинот на купување на граѓаните, а нивното градење не се темели на нивната куповната моќ туку на концентрацијата на купувањата на една локација

    – Големите трговски центри ги затвораат малите продавници, па макар да се тие и на атрактивни локации во центарот на градот и во таканаречените деловни улици. Шопинг центрите ги сменија куповните навики, па и начинот на користење на слободното време. Во моловите се оди семејно и се троши цел ден. Таму како прво брзо се стигнува, има паркинг простор, игротеки за децата, ресторани и сè што е потребно за непречено купување. Тоа не може да го дадат дуќаните кои се во центарот на градот каде што за да се стигне треба да се паркира на голема оддалеченост. Сето ова ги прави неатрактивни деловните објекти надвор од моловите – вели Никола Велковски, од Здружението на градежници во Стопанската комора.

    Според него, една од причините за неатрактивност на овие дуќани е и практиката во главниот град, станови да се користат за деловни канцеларии за да се одбегне плаќање високи сметки за струја и поголеми кирии.

    – Во становите се плаќа струја по друга тарифа, но во дуќаните и деловните простории во обврска е да се плаќа индустриска струја чија цена е далеку повисока. Значи и бизнисмените изнаоѓаат начини како да го изиграат законот – вели тој.

    Велковски смета дека, со оглед на актуелниот тренд што е практика и во целиот свет, треба да се размислува во плановите за градби на станбени објекти да не се предвидуваат деловни простории.

    – Можно е само да се планираат мали простори за продавнички за храна или канцелариски простории, но за продавници со големи површини веќе не треба да се размислува, без разлика во кој дел од Скопје се наоѓа таа зграда. Посебно во централното подрачје каде што се големите молови – додава тој.

    Дел до сопствениците на деловен простор во центарот на градот кои се одлучиле да ги продадат или издадат недвижнините, велат дека поради пандемијата и работата од дома нивните клиенти го намалуваат периодот на изнајмување на објектите или ги раскинуваат порано договорите.

    – Не е во прашање цената на изнајмување, дуќанот го изнајмувам по далеку пониска цена од пред некоја година. Трошоците и давачките за овој тип недвижнина се големи бидејќи и просторот е голем, па морав да ја намалам и киријата само за да имам од каде да обезбедам пари за нивно покривање – вели сопственик на деловен простор.
    Според него, проблем е што просторите имаат големи површини, а трговците кои ги изнајмуваат имаат малку купувачи и ги откажуваат договорите.

    – Поради високите трошоци кои ги имаме како сопственици, но и повеќегодишното неиздавање на дуќаните дел од сопствениците се одлучуваат да ги продадат. Барем ќе имаат некаква корист од поседувањето на ваков простор – додава тој.

    Трговците покрај куповната моќ на граѓаните проблемот го гледаат во фактот што во Скопје не доаѓаат големи брендови бидејќи пазарот е мал.

    – Носење на бренд е голема вложување, а приходите од продажба се ограничени и би биле многу помали во споредба со други далеку поразвиени земји. Дополнително трошоците за кирија, струја и за други намени се големи што значи вложувањето е тешко да се поврати во услови на енергетска криза – вели сопственик на бутик.

    Според статистиката, куповната моќ во земјава за 2020 година изнесуваше 57,6 отсто од европскиот просек.

    Велковски, пак, смета дека судбината на дуќаните кои сега зјаат празни може да ги зафати и моловите бидејќи во Скопје имаме хиперпродукција на вакви шопинг центри.

    – Гледано од аспект на куповната моќ на граѓаните во земјава и еуфоричната изградба на големи молови во Скопје може да придонесе дел од нив да се затворат. ГТЦ веќе е во незавидна положба. Во него работат само дуќаните во приземјето. Овој центар нема ниту паркинг. Рамстор е во слична состојба. Сè помалку брендови има и во овој мол. Повеќето трговски центри половично работат како резултат на економската состојба, на слабата куповна моќ, но и на слабата понуда на брендирана стока. Затоа како што реков, веќе треба да се размислува што и како ќе се гради во Скопје. Мислам дека треба да се размислува и да му се даде друг дух на градот, со зелени паркови каде што граѓаните ќе можат да поминуваат ден, наместо тоа да го прават во моловите без да купуваат – додава Велковски.

    Според, него иако нема изработена студија за исплатливоста на вложувањата во трговски центри, сепак причина за нивната изградба се тврдењата дека во градежништвото има профит.

    – Но просторот е презаситен со вакви објекти и време е да се размислува за поинакво градење – додава тој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img