More

    Младите во НСДП водат тешка битка за осамостојување – Долга е сенката на СДСМ, во која се ладат Мисовски и Мираковска

    spot_img

    На 14 мај годинава, сите медиуми ја пренесоа веста дека Централниот одбор на Новата социјалдемократска партија (НСДП) за единствен кандидат за претседател на Петтиот конгрес на партијата го утврдил Горан Мисовски. Конгресот ќе се одржи на 4 јуни.

    Во соопштението беше кажано дека предлогот за Мисовски бил утврден со мнозинство гласови од присутните членови на Централниот одбор, по завршување на дебатата. Покрај кадровските прашања биле утврдени и конгресните документи: Предлог-статут за изменување и дополнување на Статутот на НСДП, Извештај за работата на НСДП помеѓу Четвртиот и Петтиот Конгрес и Предлог-програмска платформа за делување на НСДП во наредните четири години.

    Претходно, кандидатура и програма поднесе и младиот Кристијан Трајковски. Пред седницата на Централниот одбор на 14 мај, тој даде изјава во која изрази надеж дека верува во демократскиот дух на партијата. Но, по седницата, тој најави дека ќе се самокандидира на самиот конгрес на 4 јуни, а за Мисовски и за неговите поддржувачи кажа:

    – На овие структури не им одговараат промени. Ним им пречи гласна и самостојна НСДП, која ќе го продолжи патот со своите коалициски партнери, но ќе биде коректор, наместо апологет на поголемите политички партии. Ним им треба партија која ќе им служи само како гарант за фотелјите во кои се толку долго, што веќе ги сметаат за нивно лично право. Нивото на демократскиот развој на секое општество зависи од нивото на внатрешната демократија на партиите. Членството и делегатите на НСДП ќе ги издржат и овие притисоци и закани. Имаме победено многу посилни и помоќни режими и противници. Ќе победи демократијата и сега!

    Се чини дека жестоката борба за „власт“ во партијата што ја основа Тито Петковски, ќе кулминира токму на конгресот на 4 јуни.

    Фракции во партијата на Тито Петковски?

    По повлекувањето на Петковски од челната позиција, во НСДП се спротивставија две струи. Едната струја ја предводат Горан Мисовски и Соња Мираковска, сегашни потпретседатели на Собранието, со силна поддршка од членовите на Извршниот одбор Марија Бошковска (директорка на Централен регистар), Мики Милковски (заменик генерален секретар на Собранието) и Зоран Маневски (заменик министер за економија).

    На другата страна е група млади активисти, предводена од организацискиот секретар на НСДП Кристијан Трајковски (воедно и директор на АД за станбен и деловен простор), со поддршка на Стојанче Манев, партиски секретар за меѓународна соработка.

    Младите кадри, кои за себе велат дека се прогресивни, прв пат сериозно му се спротивставија на крилото на Мисовски за време на парламентарните избори во 2020 година, кога СДСМ ги наметна Мисовски и Мираковска како кандидати за пратеници. Тогаш младите посакаа НСДП да изработи комуникациска стратегија која нема да биде во сенка на СДСМ, но наидоа на жесток отпор.

    Лани во април, за потребите на партијата било изработено сериозно истражување на јавното мислење, за тоа како граѓаните ја перципираат НСДП и кои се развојните патеки на партијата и нејзиниот опстанок како посебен политички субјект. Истражувањето покажало дека изборниот потенцијал на партијата е околу 4 отсто на избирачкото тело, но под услов самостојно да се настапи на локалните избори. Истражувањето исто така потврдило дека народот од НСДП се очекува нова програма, нови кадри и осамостојување од СДСМ.

    СДСМ го користи „расколот“ во НСДП

    Врз основа на резултатите, Манев, Трајковски и лидерот Тито Петковски, во пресрет на локалните избори, ќе се обидат да се борат за отворање на партијата кон анимирање за политички ангажман на партиски непрофилирани лица, докажани во својата професија. Пред самите локални избори, НСДП ќе понуди и неколку такви лица за кандидати за градоначалници и сите одлично поминале во анкетите на СДСМ, но немало политичка волја да се поддржат.

    До судир меѓу крилата на Мисовски и на Трајковски ќе дојде и во преговорите за советничките листи. Како што велат Трајковски и Манев, Мисовски, за да му се додвори на СДСМ, ќе прифати помал број на позиции за НСДП на заедничките листи за советници. Наспроти ова, младите се залагаат партијата самостојно да настапи на изборите.

    Мисовски ги отфрла и предлозите на младите за преговорите за кадровскиот состав на новата влада, со теза дека ништо не треба да се менува. СДСМ го користи „расколот“ и НСДП му нуди министерско место во ресорот труд и социјална политика, но под услов тоа да биде Соња Мираковска. Овој предлог на СДСМ сепак нема да помина во органите на НСДП.

    Судирот меѓу двете крила кулминира со официјалната најава на Тито Петковски дека ќе се повлече од лидерското место. Петковски настапува со став дека на конгресот треба да се појават повеќе кандидати и да се натпреваруваат со идеи и со програми. Но, наместо разговор за идеи, во НСДП се случува кавга, правен дилетантизам и елементарно непочитување на основните демократски норми.

    – Сите кадри на НСДП кои се во Собранието, потпретседателот Мисовски, претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Мираковска и заменик генералниот секретар Милковски се главните предводници на еден брутален процес на игнорирање и газење на Статутот, на Правилникот и на основни политички вредности – се жалат младите.

    Мисовски протуркан за кандидат на мала врата?!

    Централниот одбор на НСДП на 2 април година донел одлука за прифаќање на Правилник за тоа кои критериуми треба да ги исполни кандидат за претседател на партијата. Помеѓу другото, во Правилникот се вели дека кандидатите треба да подготват програми за организирање и водење на НСДП во наредните четири години, а рокот за поднесување на кандидатурите е 5 мај. За ова гласа и самиот Мисовски. Согласно со овој Правилник и со рокот дефиниран во него, само кандидатот Трајковски ќе достави програма.

    На 11 мај, на работен состанок на Извршниот одбор, се водела дискусија за евидентираните кандидати за претседател. Ги имало десет на број. Тито Петковски ја затворил седницата, со заклучок дека на Централниот одбор ќе се дискутира за ова прашање. Но, веќе следниот ден, во јавноста е испратено соопштение, проследено со 10 потписи, во кое се тврди дека е донесена одлука на Извршниот одбор Горан Мисовски да биде единствен кандидат за претседател. Овие 10 лица, меѓу кои има и правници, вклучувајќи го и Мисовски, составиле записник во кој велат дека од 16 присутни, 10 се изјасниле за Горан Мисовски како единствен кандидат. Присутен во просторијата тврди дека состанокот завршил со 12 присутни членови на Извршниот одбор и дека немало никакво гласање, барем додека тој бил таму.

    На 14 мај е одржана седница на Централниот одбор, на која ова тело ќе го згази Правилникот што само го усвоило на 2 април и со 37 гласа ќе одлучи Горан Мисовски да биде единствен кандидат за претседател. Без поднесена кандидатура, без програма …

    Трајковски под закана дека ќе му ваделе кривични пријави

    – Дел од членовите на Централниот одбор беа изложени на жесток притисок. Дури и на некои актуелни носители на јавни функции во очи на седницата им трепереше гласот. На огромен притисок, со закани од разрешувања до бркање од работа, се изложени нашите членови вработени во јавни претпријатија. Кристијан Трајковски е под закани дека во МВР наводно биле спремни материјали за кривично гонење против него, како директор на АД за станбен и деловен простор. Тој таа закана јавно ја соопшти и на седница на Извршниот одбор. Се создава атмосфера дека ако Мисовски не биде избран за претседател на НСДП, сите кадри на партијата ќе ги изгубат своите позиции и работни места, а некои ќе завршат уште полошо. Тоа е она клиентилистичко шибицарење што ја уништува нашата партија и што ја прави приврзок на СДСМ – велат младите.

    Тие не сакаат народот на НСДП да гледа како на Агенција за вработување. Но, како што велат, струјата на Мисовски е силна. Таа сега е фокусирана на држење во тајност на делегатите на конгресот и слични, ниски игри.

    Сепак, на конгресот в сабота на 4 јуни, Кристијан Трајковски ќе поднесе самокандидатура за претседател и ќе го предизвика Мисовски. На тоа има статутарно право. Без оглед на сите притисоци и нечесни игри на теренот, младите се решени на конгресот да ја афирмираат идејата НСДП да стане самостојна партија, која ќе промовира нови лица, а не ислужени апаратчици и сателити, кои не можат да се одлепат од орбитата на СДСМ и чија сервилност се гледа и во последната изјава на Мисовски дека Талат Џафери бил најдобриот претседател на Собранието што сме го имале. Што ќе рече, подобар дури и од Тито Петковски, човекот што ја основа НСДП и на генерации нејзини членови на тој начин им обезбеди политички кариери и фотелји во парламентот, во извршната власт, во јавните претпријатија, во општините.

    Познавачите велат дека во овој момент НСДП не е партија со пресудно влијание на политичката сцена, но битката за одлепување од орбитата на СДСМ може да биде значајна за сите пајтон-партии, кои со години опстојуваат во сенките на големите партии и ги задоволуваат клиентилистичките пориви на своите раководства.

    Извор: Плусинфо

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img