Во текот на изминатата недела за 32,4 отсто е намален бројот на новозаразени случаи со ковид -19. намалување има и кај починатите и кај случаите со реинфекции. Ова го соопшти министерството за здравство повикувајќи се на извештајот на Инстиутот за јавно здравје.
Регистрирани сe 2.504 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, а се пријавени 44 починати како последица од ковид-19.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 28 февруари до 6 март тестирани се вкупно 17.416 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е помалку за 9,4 отсто во однос на претходната недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје 1.418, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 389,4/100.000, Скопје – 312,7/100.000 и Демир Капија – 308,6/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (28,2 отсто). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (4,1 отсто).
Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 46,9 отсто во возрасната група од 0-9 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 3.511 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции, што е помалку за 31,5 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 44 смртни случаи во 17 градови во текот на изминатата недела или за 35,3 отсто помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, најголем број (42) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 40-49 години (1) и 30-39 години (1).
Заклучно со 05.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.082 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 850.803 лица, а со трета доза се вакцинирани 144.391 лица.