На средбата беше разговарано и за досегашната билатерална соработка, успешната реализација на проектите од јапонските грантови, како и унапредување на соработката со нови бизнис релации и инвестиции.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ изрази благодарност до амбасадорот Савада за досегашната поддршка во рамки на јапонската официјална развојна помош (ОДА) и посочи дека простор за унапредување на соработката секогаш има.
– Во време на пандемија, паралелно и засилени реформи во земјава, финансирањето на развојни проекти за одржлив економски и социјален развој, е од суштинско значење за државата и за нејзините евроинтеграции, рече Маричиќ.
Јапонија е еден од нашите најголеми донатори и поддржувачи на нашата европска интеграција и во таа насока финансиската поддршка ќе се алоцира кон проекти кои ќе придонесат во остварувањето на европската агенда. Затоа следниот период фокусот ќе биде ставен на реализација на проекти во областа на здравството, образованието и животната средина.
Во изминатите две години Јапонија имаше обезбедено над 800 илјади евра за итна помош на здравствените институции кои се справуваат со КОВИД-19, односно за набавка на медицинска опрема за ковид центрите во земјата.