Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека треба да ѝ се помогне на Украина, но не да ја нападне Русија.
– Наша должност е да ѝ помогнеме на Украина, како што правиме, да ја заштитиме нејзината територија, а не за да може таа да ја нападне Русија. Ние не сме во војна со Русија – изјави Макрон за француската онлајн телевизија BFMTV.
Според него, целта е Украина да пружи отпор, да си го врати суверенитетот, а Русија да седне на преговарачка маса.
Францускиот претседател ја оцени како уцена најавата на Русија за мобилизација на резервистите и заканата од употреба на нуклеарно оружје.
– Очигледно е уцена бидејќи тој (Путин) има такво (нуклеарно) оружје и опасноста е секогаш присутна. Тоа е начин на притисок во тешко време на војна – рече Макрон.