Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека дури и ако европските сојузници на Украина одлучат да испратат борбени авиони во Киев, тие нема да бидат испратени во „наредните недели“.
– Не исклучувам ништо.. но тоа не одговара на денешните барања – рече Макрон по самитот на ЕУ во Брисел на кој присуствуваше и претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Велика Британија понуди да ги обучи украинските пилоти на западни авиони, додека Полска и Словачка размислуваат да испратат повеќе ловци Миг-29, кои Киев веќе ги користи.
Но, сојузниците на Украина се нервозни дека распоредувањето напредни западни борбени авиони би предизвикало дополнителна ескалација од страна на Москва и ризик од отворен конфликт меѓу НАТО и Русија, јавија француските медиуми.
Макрон и другите лидери на ЕУ во Брисел го поздравија Зеленски како херој и ветија дека ќе стојат покрај Украина до победата – но тие беа внимателни за неговото барање за борбени авиони.