Ако Бугарија побара да постави спомен плоча во чест на Гоце Делчев во Баница, ние треба да го побараме истото, ако не и нешто повеќе и пограндиозно, на пример да се обнови неговата родна куќа во Кукуш или слично, зашто Гоце Делчев е многу поважен за историјата на Македонија, отколку за Бугарија – вели Марјан Ѓорчев, политичар, аналитичар и поранешен македонски амбасадор во Бугарија.
– Кога во Бугарија се направи анкета за тоа кои се најголемите личности во бугарската историја, Гоце Делчев беше на 54 место меѓу ликовите од нивната историја. Ако направиме таква анкета во Македонија, Гоце Делчев ќе биде убедливо на прво место. Тоа доволно зборува. Без никакво двоумење, тоа е најважната личност која како нација не обединува – вели Ѓорчев.
Бугарскиот претседаетл Румен Радев деновиве изјави дека ќе ја поддржи иницијатива за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница во денешна Грција, по повод 120-годишнината од неговото убиство, што ќе се одбележува во 2023 година. На ова високи претставници на Грција одговорија дека, доколку им биде доставено такво барање, тие ќе го разгледаат.
Бугарите си ја продолжуваат стратегијата
Ѓорчев вели дека не го изненадува таа најава, со оглед на бугарската национална позиција и стратегија дека се што припаѓа на Македонија, Јужна Тракија, Мизија, се „бугарски земји“.
– Во тој контекст, ова е продожување на таа нивна стратешка детерминанта, со разни тактички потези. И на само таму, тие истото го прават и за Гораните во Косово, и за Македонците во Мала Преспа и во Пустец. Ова со Грција мислам дека нема да има никаков ефект, зашто Бугарија има потпишано спогодба дека не постои бугарско малцинство во Грција, така што секој обид за една таква пенетрација, во согласност со нивните историографски погледи, мислам дека Грцција нема да уважи – смета поранешниот амбасадор во Софија и одличен познавач на македонско-бугарските односи.
Од друга страна, вели Ѓорчев, Македонија треба да реагира на овие провокации од Бугарија со исто такво барање до Грција, со која односите во последно време ни се коректни.
– Ние треба да кажеме отворено дека Гоце Делчев, кога се родил и кога загинал во битка, негова идеја водилка е слобода на македонското население, да се ослободи и да направи своја држава. Во тој период таа тероторија не била ниту Грција ниту Бугарија, туку Отоманска провинција Македонија. Бидејќи вие, Грците, сега сте наследници на тој дел од таа провинција Македонија, вие не треба да дозволите други држави, како што е Република Бугарија, да се мешаат во вашите внатрешни работи – смета Ѓорчев.
Тој е уверен дека Македонија исто така треба да побара начини на чествување на 120-годишнината од убиствеото на Гоце.
– Ако тоа веќе го прават Бугарите, ние исто така треба да поднесеме барање до Грција, бидејќи во нашата национална историја Гоце Делчев има посебно место, тој е наш национален херој, и ние со полно право треба да имаме право да поставиме, не само спомен плоча, туку да направиме нешто поголемо, пограндиозно, да се возобнови спомен куќата каде што се родил, и каде живеел или слично – вели Ѓорчев.
Тој смета дека е апсолутно беспредметно Гоце Делчев да биде тема на преговори на Мешовитата историска комисија, како што не треба да се преговара за Крсте Петков Мисирков, Војдан Чернодрински, Даме Груев и други.
Васкопулос: Во Грција нема Бугари
За Павлос Васкопулос Филипов, активист за правата на македонското малцинство во Грција и лидер на организацијата „Виножито“, поставување на плоча во Баница од страна на Бугарија може да биде само потврда на заедничката позиција на двете страни дека во Грција денес нема Бугари.
– Не ја имам читано изјавата на Радев, но не би ме чудело бугарската власт да се има договорено за таква работа со грчката. Треба да се има на ум дека Грција и Бугарија со децении се „гас и гаќи“, што би се рекло, околу македонското прашање, бидејќи и кај едните и кај другите така им е направен националниот мит-аксиома, околу македонското прашање. Кај Грците, како што е познато македонското се поврзува исклучиво со антиката, и според овој мит-аксиома, античкото македонско племе е грчко, па според тоа и Македонија е грчка. Според Бугарите пак, населението во Македонија зборува бугаски јазик и затоа Македонците се Бугари. Ова е бугарскиот мит-аксиома. Во случајов не би ме чудело бугарскиот претседател да направи таква иницијатива (за поставување спомен плоча во Баница. н.з.) бидејќи меѓу Бугарија и Грција имаше договор од 1917 година (Политис-Калфов) за размена на население. Грци се преселувале од Бугарија, а Бугари заминувале од Северна Грција во Бугарија Во ситуацијава, двете страни може да го продолжат своите митови од тој Договор, па Радев да постави спомен плоча и цвеќе на место на кое некогаш имало Бугари, а денес ги нема, и да се покаже дека ги почитуваат грчките ставови за темата. А за Грција нема проблем, зашто во Грција денес нема бугарско малцинство – вели Павлос Васкопулос Филипов.