Македонија, пропорционално, има многу поголем недостиг од кадар во споредба со Германија, која дополнително презема мерки да го привлече, и затоа и самата треба да размислува за слични мерки за привлекување работници од странство во иднина. На ова укажуваат македонски бизнисмени, откако Германија соопшти дека дополнително ги олеснува условите за влез на странски работници без квалификации и без познавање германски јазик. Оваа земја планира во наредниот период преку овој систем да привлече околу 50.000 Балканци.
Вакви активности има и во другите земји, а сето тоа дополнително ќе влијае на одливот на кадар од земјава, појава која е актуелна со години. Затоа, велат бизнисмените, наскоро ќе треба да се размислува за увоз на работници од странство.
Експерти сметаат дека пред да овозможи увоз на кадар од странство државата треба да работи на запирање на иселувањето кое не е предизвикано од недостиг на работни места. За одредени струки не е причина ниту ниската плата, туку главно е недовербата кон институциите и функционирањето на системот.
Потреба од кадар, според бизнисмените, има во речиси сите производни сектори од земјоделство, се до ИТ секторот и здравството, а можноста тој да се најде во земјава е скоро никаква, па затоа е потребно да се овозможи полиберален систем за влез на работна сила од надвор.
Не сме стара нација, ама го имаме германскиот синдром на недостиг од работници
– Германија го има проблемот на стара нација и недостиг на работници, но ние покрај овие две работи, го имаме и иселувањето на младите, што дополнително ја усложнува состојбата. Бизнисот веќе ја сфати пораката и очекува државата што поскоро да се ослободи од предрасудите за чиста нација и да овозможи увоз на работна сила која ќе ги пополни работните места кои се празнат. Во спротивно ќе се доведеме во состојба во блиска иднина да не можеме да обезбедиме пари за функционирање на државата. Нема да можеме да ги исплатуваме пензиите, да го финансираме образованието… Колку побрзо сфатиме дека и кај нас има криза за работна сила толку подобро ќе биде за државата – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Дека состојбата станува алармантна говорат и податоците на агенциите кои посредуваат за вработување во странство, според кои, просечно годишно во странство заминуваат меѓу 3.000 и 10.000 работници. Дополнителен одлив на работници има и со сезонските вработувања во летниот период кога во странство одат и до 10.000 работници. Бројките се многу поголеми, ако се има предвид дека најголемиот дел од заминувањата во странство се реализираат на диво или преку познаници. Според последниот попис, од земјава над 250.000 лица се во странство повеќе од една година.
Професорот Здравко Савевски смета дека во вакви услови, кога имаме зголемен одлив на работна сила и потреба за увоз на работници, владата треба да преземе активности со кои треба да ја врати довербата на граѓаните во државата и институциите, наместо да биде нем сведок на одливот на кадарот и населението.
– Потребно е да се промени целата општествена, економска и политичка клима во земјата, што ќе овозможи да се врати довербата на граѓаните. Треба да се преземат напори за намалување на иселувањето, бидејќи факт е дека во земјава има работни места. На некои работници не им е проблем ниту висината на платата, но има нешто друго што ги тера да се иселуваат. Токму на тоа треба да работи власта, ако се разбира, е подготвена на тоа. Треба да се промени целата општествена клима. Во спротивно многу брзо ќе бидеме во ситуација да не можеме да добиваме некои услуги бидејќи ќе нема работници кои ќе ги даваат. Или ќе растат цените на услугите, како што тоа веќе го имаме кај занаетчиските дејности, бидејќи нема кој да ја работи работата. Сепак, треба да сфатиме дека веќе сме во состојба на премин од иселеничка земја во доселеничка и затоа треба да покажеме поголема свесност во врска со тоа. Треба да ја разбереме и потребата на другите луѓе кои се иселуваат за да имаат подобар живот и да овозможиме тие да можат да се доселуваат и кај нас – вели Савевски.
Бизнисмените велат дека за нив не е проблем да увезат работници, но пречка се ограничувањата од страна на државата. Владата годишно утврдува квота на работни дозволи преку која го ограничува бројот на странци на пазарот на трудот. Според законите, квотата не може годишно да надминува 5 отсто од населението на земјава кое законски е вработено, според податоците на Државниот завод за статистика. За годинава оваа квота скоро е двојно зголемена и изнесува 5.000 странски работници.
– Квотите на работни дозволи за странци се пополнети уште во октомври. За да ја премостат оваа состојба некои бизнисмени веќе отвораат фирми во странство преку кои носат работниците во земјава за да ги завршат започнатите проекти. Оваа состојба е најизразена во градежништвото, но проблем со работници имаат и скоро сите сектори. Затоа Организација на работодавачи ја согледа состојбата и официјално побара Владата да ги зголемува секоја година квотите за работни дозволи и да почне да го либерализира системот за увоз на работници за да ја оставиме во живот економијата, а со тоа и државата – вели Димитров.
Според него, состојбата е слична и во регионот, но таму владите реагираат и увозот на работници станува реалност.
Регионот се менува, а зошто не и ние?
– Во Србија веќе имаме Филипинци. Слична е состојбата и во Албанија, а и Бугарија почна да увезува работна сила. И не се проблем платите. Нашите плати се атрактивни за работници во други држави каде што трудот е далеку пониско платен. Значи, можеме да увеземе работници без проблем, но проблем е тоа што државата се плаши да ги отвори вратите за работници кои сакаат да дојдат и да работат овде, а од друга страна не успева да овозможи услови да ги задржи младите да останат во земјава – додава Димитров.
Лани за проблемот алармираше и туристичко-угостителската комора која функционира во рамките на Сојузот на стопански комори, кога се соочи со недостиг од 20.000 работници.
Од комората изјавија дека имаат обезбедено дел работници од Турција, но побара државата да овозможи брзо вработување, под истите услови кои важат за македонските граѓани – само со лични карти и евидентирање без многу формалности.
Потребата од увоз на работна сила подолг период ја актуелизираат и Стопанската комора како и Сојузот на стопански комори.