Моќниот циклонски систем од запад полека му се приближува на регионот и на Македонија, a истиот веќе започна да влијае на времето кај нас и тоа условувајќи силно невреме во Далмација, Хрватска. Слаби локални врнежи има и во западните предели од Македонија, вели за Плусинфо метеопрогнозерот Славчо Попоски.
– Од денес ќе започне да засилува јужниот и југоисточниот ветер кој би можел да прави проблеми понатаму. Особено за време на викендот и во текот на следната седмица во регионот и кај нас во Македонија ќе има чести и обилни врнежи од дожд кој би можел да услови и локални поплави, па затоа препорачуваме крајна претпазливост – ни објасни Попоски.
Тој додава дека со продорот на студен воздух од север, во регионот и тоа особено во Словенија, во Хрватска и во Босна се очекуваат и интензивни снежни врнежи кои би можеле да прават исто така проблеми. Особено на планинските места се очекува и значителна снежна покривка.
– Кај нас во Македонија врнежи од снег барем засега ќе има само на планините, но постои опасност од локални поплавувања поради очекуваните интензивни врнежи од дожд кои ќе бидат проследени со силен ветер од јужен и од југоисточен правец – нѐ информираше метеопрогнозерот.
Попоски рече дека температурите остануваат натпросечно високи и максималните дневни понатаму ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 16 степени, додека пад на истите се очекува од понеделник па натаму.
– Поради силното јужно и југозападно воздушно струење, од Сахара кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и песок, па така и атмосферата ќе биде заматена, како што е случајот денес. Исто така со овој моќен циклон, зголемен е ризикот од можни поплави и во регионот каде локално се очекува да наврнат над 100 л/м2 воден талог, во Македонија и над 40 – 50 л/м2 воден талог за кратко време – објаснува Попоски.
Oд Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека викендов ќе има пообилни и поројни врнежи, засилен ветер, а пак од понеделник заладување.
– За време на викендот државава ќе биде под влијание на влажен бран што ќе предизвика времето да биде облачно со врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни од утре попладне до недела и на места ќе бидат поројни, над 30 литри на метар квадратен. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер – соопштуваат од УХРМ.