More

    Македонија засега не планира зголемување на буџетската стапка над планираните два отсто за НАТО

    spot_img

    Македонија засега не планира зголемување на буџетската стапка над планираните два отсто за НАТО, но дебатата е ставена на маса на состанокот на членките на Алијансата овие два дена во Брисел, Белгија.

    Неколку земји членки на Алијансата, главно на истокот на Европа, би сакале земјите да издвојат повеќе од два отсто од бруто домашниот производ за одбранбени цели поради војната во Украина, но отпорот е голем, посебно во западноевропските земји. Стапката од два отсто од БДП за воени цели сѐ уште не е постигната во огромното мнозинство членки на Алијансата.

    – Со оглед на зголемувањето на безбедносните ризици, меѓутоа и притисоците што ги има воената индустрија, да, зголемувањето, или инвестирањето во одбраната и безбедноста на национално ниво и како земји членки е оправдано, затоа што одбраната е нешто што на сите ни е потребно и бара долгорочно планирање и инвестирање – вели министерката за одбрана Славјанка Петровска за МИА.

    Сепак, за Македонија конкретно планот засега останува да се постигне стапката од два отсто до 2024.

    – Да, таа дискусија е отворена и ќе се согласиме сите ние дека е оправдана, особено во новиот контекст во кој се наоѓаме, и побарува зајакнување на капацитетите на НАТО земјите членки. Финална одлука сѐ уште не е донесена, меѓутоа Република Северна Македонија ќе одговори согласно своите расположливи капацитети. Она што е особено важно е дека процентот на одбранбениот буџет кој што се одвојува за РСМ на национално ниво е задоволителен и согласно се прават проекциите за плановите за модернизација и опремување на армијата – додава министерката за одбрана.

    За Северна Македонија, освен Украина, фокусот во однос на надворешните предизвици, е ставен на безбедноста на Западниот Балкан, која за сега не покажува знаци на дестабилизација, но бара внимателност. Министрите за одбрана на НАТО вчера не навлегле детаљно, но се осврнале на ситуацијата во Босна и Херцеговина.

    – Ги следиме случувањата, меѓутоа во однос на тоа дали може да се развие некаков конфликт не располагаме со такви информации дека е можен каков било безбедносен конфликт. Но се разбира треба да останеме будни и фокусирани на безбедноста во регионот – оцени шефицата на одбраната.
    Слична е проценката и за соседно Косово.

    – Нема ни таму индиции за сериозно нарушување на безбедносната состојба, но знаете како, кога на неколку илјади километри од нас се случува воен конфликт што има сериозна позадина и кога гледаме какви се влијанијата на трети земји овде во регионот, не смееме да останеме мирни, мора да бидеме фокусирани на регионот – вели Петровска.

    Украина вчера беше една од главните теми на дискусии за 30-те земји членки на Алијансата, кои повторно се заложиле дека ќе продолжат да ѝ помагаат на земјата да се справи со руската инвазија.

    – Се договоривме, впрочем како и на другите состаноци, дека помошта од страна на сите сојузници ќе продолжи во мера и во обем во кои секоја земја членка може да придонесе, затоа што сме обединети околу тоа дека на Украина ѝ е потребна помош со која таа ќе се брани од неоправданата инвазија од Русија – рече Петровска.

    Македонија останува подготвена да помогне, но за сега не пристигнало конкретно барање од Киев.

    – Јас сум во постојана комуникација и со амбасадата и со мојот украински колега, и доколку постои можност или било што со што ние може да помогнеме од аспект на воена помош, подготвени сме да го сториме тоа. До сега конкретно барање нема, но доколку се укаже потреба од тоа како и до сега во три наврати, сме подготвени да одговориме позитивно согласно нашите капацитети – рече Петровска.

    Министерката изрази оптимизам и дека ќе се надмине спорот помеѓу Турција од една страна и новите аспиранти за членство во НАТО, Финска и Шведска. Петровска нагласи дека загриженоста на Анкара е оправдана, но дека постои согласност помеѓу сите земји членки дека зачленувањето на овие две земји е од корист за зајакнување и стабилизирање на Алијансата.

    Северна Македонија нема приговори кон членството на овие две земји, ниту планира непринципиелно да ги блокира.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img