Високата инфлација во октомври оваа 2022 година непријатно ги изненади и македонските, но и европските економисти. Инфлацијата во Македонија сега е 19.8% и е највисока во регионот на поранешна СФРЈ. За една година кај нас лебот и житата поскапеле двојно, а повеќе од 40-процентно зголемување е регистрирано кај млекото, сирењето, јајцата, маслата, мастите, течните горива. Цврстите горива поскапеле за 38,5%, топлинската енергија за 30%, а гасот и струјата за повеќе од 20%.
За споредба, инфлацијата во Словенија е 10%, во Хрватска 12,8%, во Србија 14% и во Црна Гора рекордни 16%. За жал, инфлацијата во еврозоната порасна на 10,7 отсто. Податоците на Евростат покажуваат дека највисока стапка на инфлација имаат Естонија (22,4%), Литванија (22%) и Летонија (21,8’), а најниска Франција (7,1%), Шпанија (7,3%) и Малта (7,5%).
Ова се податоците на сите европски земји од т.н. валутен блок:
Што се случува во Европа?
Растот на цените во потрошувачката на годишна основа во Европа го достигна највисокото ниво од воведувањето на заедничката европска валута во 1999 година (Евростат ја пресметува инфлацијата од 1996 година). Во споредба со септември оваа година, цените во октомври пораснаа во просек за 1,5%, што е благо забрзување на месечна основа. Најголем „виновник“ за октомвриската инфлација е порастот на цените на енергенсите, кои поскапеа за 41,9% во однос на истиот месец лани и за екстремно високи 6,5% во однос на минатиот месец. Забрзано растат и цените на храната, алкохолните пијалоци и тутунските производи.
Но, тоа сѐ уште е само добрата вест во оваа грда приказна. Ако се пренебрегне двиеењето на цените на енергенсите и на храната, годишната инфлација во ЕУ во октомври се проценува на 6,4%, додека во септември е 6%. Во факторските анализи, кои овој инфлаторен бран во Европа го објаснуваат главно со порастот на цените на енергенсите и на храната (слично е и во Македонија), поскапувањата во потрошувачката што не ги опфаќаат тие категории се сметаат за т.н. базна инфлација. За жал, сега и таа почнува опасно да расте, што упатува на сѐ посложената „клиничка слика“ на заболените европски економии.
Овој тренд на пораст на цените во потрошувачката навестува натамошно зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ), која во последните три месеци веќе ги зголеми каматните стапки за 200 базични поени и вети дека ќе продолжи со заострување на монетарната политика во декември, наспроти шпекулациите на пазарите дека треба да се очекува забавување на зголемувањето на каматните стапки на ЕЦБ, поради претстојната рецесија, но и поради падот на цените на бензинот.
Сепак, високата октомвриска инфлација како да ги урна тие надежи и ги засили критиките на сметка на ЕЦБ, дека огромното печатење евтини пари, под влијание на политичката конјуктура, во најмала рака придонело за разгорување на инфлацијата. Критичарите обвинуваат дека ЕЦБ предолго се „ложеше“ на заблудата дека порастот на цените е безопасна појава, која се должи на привремени фактори, како што се порастот на цената на нафтата, кризата предизвикана од пандемијата и слично. ЕЦБ беше последната меѓу најголемите централни банки коишто дури ја почнаа својата борба против инфлацијата со зголемување на каматните стапки. Тоа се случи кон крајот на јули годинава, кога беше зголемена основната каматна стапка прв пат по цели 11 години. Сега веќе се знае дека во Европа допрва следуваат нови поскапувања на кредитите.
Зошто мора да се внимава кога се посега по каматните стапки?
Мантрата дека поминало времето на евтините пари се мантра со години, но тоа сепак не значи дека справувањето со инфлацијата е работа само за централните банки и дека манипулирањето со каматните стапки е волшебното стапче со кое се рашаваат сите проблеми, оценуваат македонски економски стручњаци што ги консултираше Плусинфо.
– Факт е дека и македонската централна банка задоцни со реакцијата. Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи за 3,5% е мерка што доцни најмалку 6 до 12 месеци. Имено, во теоријата и во практиката е познато дека толкав период е неопходен таквите мерки да почнат да даваат резултати, менувајќи го севкупното поведениие на субјектите. Сакам да кажам, „одговорот“ на субјектите кон кои се насочени мерките на монетарната политика „природно“ доцни. Но, внимавајте, зголемувањето на каматните стапки во принцип значи повлекување на пари од оптек и намалување на потрошувачката. А тоа, без добра координација меѓу монетарната и фискалната политика, може да предизвика и спротивен ефект, да доведе до забавување на економските активности, губење работни места и слично. Мислам дека нам сериозно ни недостасува таква координација со фискалната политика – вели за Плусинфо експерт чијшто актуелен ангажман не му дозволува да настапува јавно.
Го замоливме нашиот извор подетално да ја искоментира таа голема дебата што се води меѓу економистите и во која доминира дилемата што треба да прават оние што ја креираат „цената на парите“ (монетарците) и оние што имаат други инструменти да влијаат во сферата на потрошувачката и врз економските активности (извршната власт, креаторот на фискалната политика). Ќе се обидеме тој брифинг во кратки црти да го „преведеме“ на јазик разбирлив и за читатели што не се детално упатените во оваа област.
Зависноста од „евтините пари“
Многу економисти велат дека зголемувањето на каматните стапки, или поскапувањето на парите, е единствениот делотворен лек против инфлацијата. И тоа, во основа е точно. Ако оставите многу пари во оптек, а згора и ако дотурате уште, тоа е како да дорурате бензин на огнот. Повозрасните читатели веројатно ќе се сетат дека тој хорор филм го гледавме во последната деценија пред распадот на некогашната СФРЈ, кога тогашните социјалистички влади, од политички причини, не можеа да се откажат од гревот на „евтините пари“.
Некои велат дека нешто слично во овој момент се случува во Турција, на пример. Инфлацијата во оваа земја во октомври достигна 85,5% на годишна основа, поттикната од дополнителниот скок на цените на храната и на енергенсите. Цените на храната во Турција во октомври беа за 99 отсто повисоки од цените во октомври 2021 година, трошоците за домување се зголемија за 85%, а за транспортот за 117%. Драматичното зголемување на трошоците за живот во земјата од 85 милиони жители продолжува со несмалено темпо речиси две години, заедно со значителната девалвација на националната валута, лирата.
Но, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не дозволува да се зголеми основната каматна стапка, инсистирајќи дека тоа ќе ѝ наштети на економијата. Економистите и критичарите, од друга страна, велат дека токму неговата политика ѝ штети на лирата, ја поттикнува инфлацијата и ја поттикнува валутната криза. Се чини дека Ердоган сепак стои цврсто на своите позиции, проценувајќи дека политичката цена за тоа не е превисока.
– Монетарната политика нема волшебни решенија за вакви ситуации. Од лично искуство ви кажувам дека не е лесно да се носат квалитетни и навремени одлуки. Ако премногу ги зголемите каматните стапки, згора и без координација со други мерки на креаторите на економските политики, ќе трпат стопанството и граѓаните. Помалку пари значи и намалена потрошувачка, а тоа пак доведува до забавување на економските активности. Во ваква ситуација, кога кризата е глобална, нашите компании тукуречи немаат надворешни пазари. Ако сакаме да ги „поскапиме“ парите, ние мора да економизираме, да штедиме, да го менуваме поведението на луѓето, да ги прилагодиме психолошките очекувања, но најважно од сѐ, неопходно е да креираме внатрешен пазар. Затоа, што и да се прави, не треба да се посегнува по капиталните инвестиции. Напротив, во вакво време државата треба да собере сили да инвестира во големи капитални проекти, кои на компаниите ќе им носат работа, на вработените плати и така ќе се креира дополнителна потрошувачка што позитивно ќе влијае на домашната економија – вели нашиот соговорник.
Кога лаиците зборуваат за монетарна и за фискална политика, најчесто создаваат перцепција за луѓе кои седат зад компјутери, си играат со табели во Ексел и прават пресметки кои влијаат на нашата живеачка. Но, во праксата не е така, добрата економска политика во значајна мерка се води на терен, во постоја координација меѓу тие што креираат политики и субјектите на пазарот – производителите, трговците, потрошувачите.
Да се замрзнат цените или не?
Доаѓаме до прашањето на денот – што да се прави во ваква ситуација во Македонија? Што советуваат луѓето што имаат знаење и искуства, но не и привилегија и одговорност за креирање на економските политики?
Неколку репрезентативни мислења на наши независни експерти веќе се објавени во медиумите и тие ја третираат глобалната криза, но и состојбата во Македонија. Неодамна починатиот економист Владимир Глигоров, на пример, неодамна ги коментираше поскапувањата и револтот на земјоделците, како и можните ефекти од зголемувањето на каматите.
– Кога имате широко распространета контрола на цените на разни прехранбени производи, струја, комунални и други услуги, тоа води до незадоволство. Сега земјоделци, утре ќе биде некој друг. Затоа што сте ја потиснале инфлацијата, товарот на реалниот пораст на цените паѓа на оние чии цени или сте ги замрзнале или ги контролирате, со цел да се намали револтот на потрошувачите. Ќе протестираат или потрошувачите или производителите. Ако државата ги контролира цените, некогаш да им угоди на едни, некогаш на други, тоа води до побрза инфлација и до поголеми социјални проблеми. Ако сакате да субвенционирате, тогаш тоа не се прави со замрзнување на цените, туку директно со пари, давајќи им на оние кои се најзагрозени – вели Глигоров.
Ако сакате да субвенционирате, тогаш тоа не се прави со замрзнување на цените, туку директно со пари, давајќи им на оние кои се најзагрозени.
Економистот Бранимир Јовановиќ, кој сега е во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, има малку поинакво мислење од Глигоров. Тој за Дојче Веле коментира:
– Првото што треба да се направи е да се преземат мерки за контрола на инфлацијата, конкретно, преку замрзнување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите. Земјите во соседството кои го направија тоа, Албанија и Србија имаат најниска инфлација во регионот. Второто што е потребно е да се поттикне е растот на платите, зашто без тоа, ќе се намалува куповната моќ на луѓето, па тие помалку ќе трошат, што дополнително ќе ја забави и економската активност. Како трето, потребно е да се зголемат социјалните трансфери, особено за најранливите и најсиромашните, затоа што тие се оние кои се погодени најмногу од оваа криза.
На оваа тема побаравме мислење и од независни експерти од Македонија. Џевдет Хајредини, првиот министер за финансии по осамостојувањето, вели:
– Манипулирање со каматните стапки е работа на Централната банка. Јас имам голема доверба во чесноста и во стручноста на лиуѓето што ја креираат монетарната политика и не се сомневам дека ќе ги влечат вистинските потези. Но, во ситуација кога состојбата станува драматична, многу се важни и мерките што ги презема извршната власт. Она што може и мора да се стори веднаш е да се скратат сите непродуктивни трошоци и ригорозно да се штеди. Не можете транспарентно да водите дебата за каматните стапки, а да криете за бифтеците што ги јаде таму некој министер. Втората важна работа е да им се помогне на најранливите категории население, на оние кои се најпогодени од кризата.
Она што може и мора да се стори веднаш е да се скратат сите непродуктивни трошоци и ригорозно да се штеди. Не можете транспарентно да водите дебата за каматните стапки, а да криете за бифтеците што ги јаде таму некој министер.
Можат ли трговците и владата да се договорат?
Што е тоа што тој би го сторил сега, да е во позиција да одлучува? Ова прашање му го поставивме и на експертот што го консултираше Плусинфо.
– Пред сѐ, не може да не се каже дека досега веќе требаше да се преземат некои мерки за да се ублажи ценовната криза. На пример, требаше многу порано да се предвидат драматичните поскапувања на енергенсите и да се договорат набавки по пониски цени. На кризата предизвикана од војната во Украина ѝ претходеше кризата предизвикана од пандемијата, така што ова и не е некое преголемо изненадување, па затоа велам дека извршната власт требаше во секој случај да биде помобилна и поенергична – вели тој.
Но, тука сме каде што сме и не вреди да се расправа за лански снег. Прашањето на денот, како што рековме, е што може да се направи сега.
– Ме прашувате директно, ќе ви одговорам директно. Прво, веднаш мора да се скратат сите буџетски трошоци што не се неопходни и без кои јавниот сектор може да преживее. Јас веднаш би се откажал од нови вработувања во администрацијата, а за набавки на возила, на мебел и за многу други непродуктивни трошоци не би смеело ни да се помисли. Тука има потренцијал за заштеда на околу 200 милиони евра, што не е бензначајна сума. Дополнително, со тоа ќе се влијае врз вкупното поведение на населението, кое во криза, во принцип, треба да штеди и да се однесува домаќински.
Во врска со дилемата како да се зауздаат цените, нашиот соговорник вели:
– Уште утре би седнал со трговските компании и со големите синџири маркети, за да разговараме како заеднички да понесеме дел од товарот на кризата. Лесно е да се посегне по маржите, да се укинат или да се ограничат. Но, јас би се убедувал со тргивците тие самите да ги намалат маржите, а со тоа и цените на основните производи. Ќе прашате, зошто тие би го сториле тоа? Затоа што и тие имаат очекувања владата да им помогне. Би разговарал со нив за тоа како може да им помогне државата, дали со олеснувања во даночната политика, или на други начини. Значи, би седнал да разговарам со големите играчи на пазарот, во обид да се убедиме заеднички да им помогнеме на граѓаните и така, всушност, да си помогнеме себеси. Ако не успеам, би вовел слична мерка каква што е воведена во Грција, т.н. минимална социјална кошничка на производи. Не мора да се ограничат маржите на сите основни прехранбени проиизводи. На пример, ако има три вида масло за јадење, ќе се намали или ќе се укине маржата на еден вид. И така, производ по производ, ќе се формира потрошувачка кошничка за опстанок на едно четиричлено семејство. Можеби сево ви звучи чудно, но министрите од економските ресори во Владата треба да бидат креативни и да водат вакви „приземни“ политики буквално на дневна основа.
И колебливите европски влади се на нозе
Медиумите секојдневно известуиваат токму за такви мерки во европските земји. Како што веќе спомна нашиот соговорник, грчката влада донесе одлука синџирите на супермаркети да усвојат „прифатлива цена“ за најмалку еден артикл во секоја категорија на производи.
Шпанската влада, меѓу другото, само ја подигна минималната плата на 1.000 евра и забрани краткорочни вработувања. Поентата е да се поттикне економската активност. Новата италијанска влада подготвува финансиска помош за населението и за малите бизниси.
Властите во Берлин издвоија дури 200 милијарди евра за помош на загрозеното германско население и за бизнисите. Во декември државата ќе плати 100 отсто од сметката за парно на гас за загрозените германски потрошувачи, а за ова специјално од буџетот ќе бидат обезбедени 9 милијарди евра.
Ова се само дел од мерките со кои европските влади се обидуваат да го намалат незадоволство на жртвите на инфлаторниот бран. Луѓето ширум Европа се жалат на драматично намалување на куповната моќ и на квалитетот на живот. Демонстрации и протести веќе се одржани во Чешка, Унгарија, Франција и уште во некои земји.
Во една анализа на лондонската агенција „Економист интелиџенс јунит“ се наведува дека може да дојде до штрајкови и социјални немири ширум светот и во Европа, поради огромниот пораст на цените на енергенсите и на основните артикли. Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, предупреди дека мерките за зголемување на каматните стапки нема да можат да ја потиснат инфлацијата, бидејќи на економијата на ЕУ ѝ се заканува директна рецесија. Меѓународниот монетарен фонд, пак, предупреди дека следи „погубен коктел на висока инфлација и слабеење на производството“ и им сугерираше на колебливите влади во Европа да преземат сериозни макроекономски мерки за да ја прекинат инфлацијата, но и да им помогнат на населението и на економијата.
Каде е Македонија во овие прогнози?
Со октомвриската инфлација сега сме во „црвената зона“ во регионот и во Европа. Но, тоа е добрата вест, се разбира за тие што очекуваат дека алармантните бројки ќе ги поттикнат властите на итна и порешителна акција. Но, има и лоша вест. Македонските челници сѐ уште имаат доволно простор да се однесуваат како Ердоган во Турција. Долго и нашироко треба да се објаснува зошто е тоа така. За среќа, има и кратко објаснување – велат дека само Македонците имаат имиња како Трпе и Трајче.