Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Русија по инвазијата на Украина ги интензивирала напорите за дестабилизација на безбедносната ситуација на Косово, особено во соработка со Србија, нејзиниот близок сојузник на Западен Балкан, објави порталот КоСсев. „Нашата влада соодветно одговори со интензивирање на нашата соработка со НАТО, ЕУ, САД, Велика Британија и клучните европски сојузници. Ги удвоивме и средствата за косовските безбедносни сили“, рече Курти, пренесува Косев. Косовскиот премиер тврди дека неговата влада презела чекори за зајакнување на дијалогот со српската и со другите немнозински заедници во Косово. Тој вели дека целта му е овие граѓани „да се интегрираат како целосни и рамноправни“. „Правата на нашите малцинства се заштитени и ќе продолжат да бидат. Ние велиме дека еднаквоста за сите е неопходна за здрава демократија. Не може да има демократија, без човекови права, без еднаквост и без плурализам“, рече премиерот на Косово.