Во недела Кубанците на референдум ќе гласаат дали да се легализираат истополовите бракови и посвојувањето, да се дозволи сурогат мајчинство и да се дадат поголеми права на небиолошките родители.
Над осум милиони Кубанци постари од 16 години имаат право да гласаат на доброволен референдум со тајно гласање, а ова е првпат да одлучуваат за закон на ваков начин.
Само неколку месеци откако владата го усвои кривичниот закон критикуван за ограничување на слободата на изразување, законот за семејство не само што дозволува истополови бракови и сурогат мајчинство (се додека не се платени), туку им дозволува и на истополовите парови да посвојуваат деца и им дава родителски права на небиолошки родители.
Ако биде одобрена, Куба ќе стане само деветтата земја во Латинска Америка која дозволува истополови бракови, по Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Костарика, Чиле, Уругвај и делови од Мексико.
Референдумот се одржува во време кога Куба е во длабока економска криза која поттикнува масовно иселување, а граѓаните се почесто го изразуваат своето незадоволство од еднопартиската држава.
Референдумот во недела би можел да биде и можност за протестно гласање против владата.
Владата во Хавана водеше голема кампања за усвојување на мерките, така што гласањето против нив ќе им даде на Кубанците ретка можност јавно да го укорат.
И додека противниците на законот веројатно нема да надвладеат, се очекува таквите гласови да бидат 25 до 30 проценти, што само по себе би било „шамар“ за власта.
Законот за семејство треба да го замени законот од 1975 година кој го дефинира бракот како заедница на маж и жена.