На поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, не му е познато местото викано „Шербетница“, на Водно. Во својство на сведок Трајановски, денеска беше сослушан во случајот „Плацови на Водно“, при што посочи дека Никола Груевски не побарал од него или преку друго лице урбанизација на парцели на Водно.
– Не ми кажал дека има плацови на Водно. Не ми кажал дека има и станови на улица Бихаќка – рече Трајановски.
Обвинителката Лиле Стефанова го праша сведокот Трајановски дали претходно во ОЈО Скопје тој бил сослушан како обвинет за донесениот ГУП. Одбраната на обвинетиот реагираше на вака поставеното прашање со образложение дека на овој начин обвинителството сака да го исплаши сведокот.
Случајот „Плацови на Водно“ го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.
Според обвинението, поранешниот премиер Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, а неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“. Сашо Мијалков е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.