Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е „трајно неспособен“ за служење војска, изјави денеска Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ покажувајќи документ за кој тврди дека е извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи.
– Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен. Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен. Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме трајно неспособен човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека истата може само да се влошува – рече Ковачки.
Ковачки го повика Ковачевски да даде оставка.