Случајот „Онишченко” ќе го коментираме кога ќе заврши истрагата на надлежната институција, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со именувањето на Зарко Милошевски за директор на Агенцијата за национална безбедност и негова евентуална вмешаност во случајот.
– Се што е поврзано со случајот Онишченко ќе може да биде коментирано кога ќе заврши истрага спроведена од соодветна институција – изјави Ковачевски.
Премиерот не посочи дали доскорашниот директор на АНБ Виктор Димовски ќе оди на амбасадорското место во Париз пред да заврши истрагата за случајот Онишченко и рече дека што се однесува до Владата за Димовски постапката е завршена.
– Што се однесува до Владата, таа постапка е завршена. Ви однос на понатамошниот тек на постапката ќе мора да се обратите до Собранието и до претседателот на државата – рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски повтори дел од биографијата на новиот директор на АНБ Милошевски, кој на оваа позицијата доаѓа од позиција на помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ, каде има и претходно повеќегодишно искуство во раководење, организирање и координирање на Одделот, но и во организирање и раководење со ресурсите на организационата единица за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот.
За новиот директор на АНБ премиерот кажа дека Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот. Своето професионално доусовршување Милошевски го спроведува од 1999 година до денес преку учество на повеќе домашни обуки организирани и имплементирани од страна на Единицата за специјални задачи при МВР и Бирото за јавна безбедност при МВР, како и на повеќе обуки во странство организирани и имплементирани од страна на Стејт департментот на САД, Министерството за правда на САД, Министерството за одбрана на САД, Федералното биро за истраги на САД, Дипломатската безбедносна служба на САД, како и Канадската безбедносна и разузнавачка служба.