Премиерот Димитар Ковачевски вели дека при набавката на битуменот од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта се испочитувани сите законски процедури.
Ако опозицијата се сомнева дека тоа е така, тогаш има можност да поднесе пријава до надлежните институции, истакна тој.
– Во јавноста се изнесуваат непроверени информации кои јавното претпријатие ги демантираше. Спротивно на изнесените наводи од ВМРО-ДПМНЕ дека се работи за договор во четири очи, се работи за отворена јавна набавка спроведена на електронска аукција при што, целосно се испочитувани законите и процедурите. Во однос на споредбите со ЈП Улици и патишта, се работи за споредби меѓу два различни модели на понуди и специфики на испорака. Не се работи за договор во четири очи, туку станува збор за отворена постапка за јавна набавка на стока, објавена и во меѓународно гласило со спроведување на електронска аукција. Напоменувам дека за конкретниот случај целосно се испочитувани законските обврски и процедури – рече премиерот Ковачевски во одговор на пратеничко прашање од страна на пратеникот Бојан Стојановски.
Тој нагласи дека постапката е и согласно Законот за јавни набавки и сите законски предвидени процедури. Таа, рече, е спроведена преку Бирото за јавни набавки што може да се провери преку постапката број 07 – 0/2022.