Денес започнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите. И покрај сите сериозни напори на Владата да се избори со кризата, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку, реагира денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата. Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ, за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните“, напиша Ковачевски на својот профил на Фејсбук.
Тој потсетува дека од 2017 година до денес, платите во образованието се покачени за 21%. Со овие дополнителни 10% тоа би биле 31% покачување кои за СОНК во услови на светска економска криза, како што вели премиерот, не се доволно.
Од 2011 до 2016 година платите во образованието се покачени за само 4%, споредува Ковачевски.
„Владата прави сѐ што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи. Местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација единствено СОНК и раководството се одговорни за тоа што тие не го остваруваат правото на образование“, додава премиерот Ковачевски.