Канадскиот премиер Џастин Трудо соопшти дека „неидентификуван објект“ бил соборен додека летал над северозападниот дел на земјата, еден ден откако САД соборија објект што летал над Алјаска.
„Наредив приземјување на неидентификуван објект што го наруши канадскиот воздушен простор“, напиша Трудо на Твитер.
И канадски и американски авиони биле во воздух за да го пронајдат објектот за кој Трудо вели дека бил уништен од американски Ф-22.
Трудо рече дека објектот „го нарушил канадскиот воздушен простор“ и бил соборен над Јукон во северозападна Канада.
„Канадските сили сега ќе ги извлечат и анализираат остатоците од објектот“, напиша тој на Твитер.
Канадската министерка за одбрана Анита Ананд на Твитер објави дека разговарала со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, потврдувајќи ја „заедничката одбрана“ на нивниот суверенитет.
Ова е втор летечки објект соборен од САД за 24 часа. Сличен објект „со големина на мал автомобил“ беше уништен во петокот бидејќи претставувал „закана за воздухопловната безбедност“, според Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Интервенцијата дојде една недела откако Вашингтон собори балон во близина на неговиот атлантски брег, кој леташе над чувствителни воени локации и кој Пекинг го опиша како „цивилено летало што се користи за истражувачки цели, главно метеоролошки“.