More

    Интерпелацијата против мене содржи низа невистини

    spot_img

    Стара вистина е дека пред да обвинуваш некого, прво треба да се погледнеш во огледало. Вака собранискиот спикер Талат Џафери одговори на интерпелацијата што против него неодамна ја поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

    Тој вели дека поднесената интерпелација содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација.

    „Тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат моите постигнувања, посебниот придонес што го дадов во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во Законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт – нешто што беше речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата беа мнозинство во Парламентот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно-политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник. Доволна потврда за нивните неосновани обвинувања во овој контекст се извештаите на Државниот завод за ревизија во периодот од 2008 година, заклучно со последниот Извештај за 2020 година, објавен минатата седмица, кој претставува аргумент плус за успешното и транспарентно работење и менаџирање на Собранието, во согласност со законските прописи. Во овој Извештај, ДЗР, како единствен надлежен орган за контрола на работата на Собранието, меѓу другото, констатира дека активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи, во сите материјални аспекти, се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Со оглед на тоа што Извештајот на ДЗР дава мошне објективна и позитивна слика за работењето на Собранието на Република Северна Македонија, Собранието не даде никакви забелешки во однос на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеноста за 2020 година на СРСМ“, наведено е во соопштението испратено од Кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери.

    Во врска со наводите дека сум го прекршил Деловникот со тоа што сум побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, додава Џафери, на сите упатени во случувањата во Собранието во последните неколку години, веројатно им е многу јасно дека станува збор за чисто лицемерство.

    „Мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на Законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот. Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека сум сторил нешто надвор од моите надлежности. Според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале ‘за’, ‘против’ или ‘воздржано’, како и бројот на пратениците што се присутни. Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници“, наведува Џафери.

    Според тоа, посочува спикерот, вечерта на 25 мај, вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање.

    „Всушност, во Деловникот е предвидена можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сѐ додека трае поименичното изјаснување, така што јасно е дека единствената намера на опозицијата, во овој случај беше да приредат евтина претстава пред јавноста“, се вели во соопштението.

    Што се однесува до обвинувањата за прекршување на Кодексот, Џафери не сака да навлегува, како што вели, во сценариото на Пратеничката група на опозициската коалиција, која се обиде да создаде тензична атмосфера во салата на продолжението на 71.пленарна седница, со очигледна намера да предизвика инцидент, за што сведочи и однесувањето на координаторот на Пратеничката група, кој недозволиво навлезе во просторот определен за претседавачот со седницата.

    „Во оваа прилика, единствено ќе истакнам дека во изминатите пет години, се однесувам со посебна почит кон сите вработени во Службата на Собранието на Република Северна Македонија. Аргумент во таа насока е и мојата посебна заложба за донесување на законските измени кои овозможија независност на собраниската служба, како што и ѝ личи на институцијата која е носител на законодавната власт и на демократските процеси во земјава, со што, меѓу другото, за првпат по подолго време се овозможи зголемување на платите на сите вработени во собраниската администрација за 20 проценти. Според тоа, можеби единствената точна констатација во оваа интерпелација е таа дека јас сум прво потпишаниот на овој Кодекс, кој, по многу обиди во претходните години, беше усогласен и донесен во мојот мандат, што само по себе говори за мојата посветеност во јакнење на демократичноста и на етичките начела во Законодавниот дом“, се вели во реакцијата.

    Делумна вистина е и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, во еден период, посочува Џафери, откако не успеаја во своите задни намери на 27 април 2017 година, не присуствуваа на координациите кај мене, иако секогаш беа уредно поканети.

    „Затоа пак, апсолутна вистина е дека координаторот и пратениците од оваа Пратеничка група, и покрај неприсуството на координациите, како нивен политички маневар пред јавноста, во тој период, практично, не излегуваа од мојот кабинет, каде што доаѓаа дури и за лични потреби и барања. Од тој аспект, воопшто не држат вода наводите за мое несоработување со координаторите на сите пратенички групи, вклучително и со тие од опозицијата. За сите координации има записници кои ги демантираат тезите изнесени во интерпелацијата за прекршување на Уставот и на Деловникот, како и за мое несоработување со опозицијата, особено ако се има предвид дека на сите координации се поканети и координаторите од опозицискиот блок, дури и пратеници од партии кои не се организирани во пратеничка група, што беше незамисливо претходно.
    Записниците од координациите, на пример, ги побиваат наводите во интерпелацијата дека јас го оневозможувам разгледувањето на интерпелациите за носители на јавни функции. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, посебно нивниот координатор, многу добро знаат дека сите поднесени интерпелации се ставени на дневен ред на пленарна седница, а тоа што не почнала расправа за нив е ‘заслуга’ на самите подносители на интерпелацијата. На 36. седница, одржана на 25 март 2021 година, координаторот Никола Мицевски лично побара да се симнат од Дневен ред сите точки, вклучително и интерпелациите, освен првата, деветтата, десеттата и единаесеттата точка за што можете да ги побарате и стенографските белешки на веб страницата на Собранието. Имено, со оглед на практиката терминот за расправа за интерпелација да биде во договор со нејзините подносители, како и со функционерот на кој таа се однесува, односно да се усогласи со нивната агенда, фактите говорат дека постојаните одложувања и премислувања на ВМРО-ДПМНЕ беа причина што не почна расправа за интерпелациите на поранешните вице-премиер за спречување корупција и министер за правда“, наведува Џафери.

    Поточно, додава тој, на координацијата на 10 мај 2021 година, на која присуствуваше и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, јас ги информирав присутните дека ќе го дополнам дневниот ред на 41.седница, која почна на 18 мај 2021 година, со интерпелациите за тогашните министер за правда и вицепремиер за борба против корупцијата.

    „Потоа, постојаните премислувања на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ за тоа кога да биде расправата по интерпелациите, се основната причина поради која тие не дојдоа на разгледување, по што самиот Мицковски предложи да бидат повлечени од дневен ред. Стара вистина е дека пред да обвинуваш некого, прво треба да се погледнеш во огледало. Да имаше малку самокритичност и објективност кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе се воздржеа од вакви неосновани напади врз мене и од креирање вакви сценарија. Затоа што фактите говорат дека и Етичкиот кодекс и законските измени со кои се овозможи независноста на собраниската администрација се донесени во мојот мандат, дека најновиот извештај на ДЗР за работата на Собранието е чист како солза, а дека прекршувањата на Уставот и на Деловникот беа пракса во едни минати времиња“, завршува Џафери.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img