Уште некоја година ќе почекаме на гас кој нема да биде увезен од Русија. Изградбата на интерконекторот кој ќе нè поврзува со Грција за увоз на гас од други извори сè уште е во процес на финансиска подготовка. Институциите очекуваат овој проект да почне да се реализира годинава и да биде завршен до 2024 или до почетокот на 2025 година.
Планот на владата за независност од руските фосилни горива кој треба да биде готов до јуни се заснова на два столба и тоа: прво – диверзификација на снабдувањето со гас на ЕУ, преку зголемен увоз (вклучувајќи течен природен гас или ЛНГ) од неруски добавувачи, како и поголем обем на производство и увоз на биометан и водород од обновливи извори и второ – забрзување на оддалечувањето од фосилните горива преку зголемување на енергетската ефикасност и користењето на обновливите извори на енергија.
Во рамки на овој план е и изградбата на интерконективниот гасовод со Грција кој е договорен пред две години и требаше да почне да се гради лани. Инвестицијата е проценета на над 57 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Земјава потпиша договор и за учество во вложувањето во гасниот терминал во Александрополис со учество од 10 отсто со вредност од 370 милиони евра, коешто ќе биде поддржано од ЕУ. Исто така, државава ќе учествува со 25 отсто во вложувањето за гасна централа на природен гас во Александрополис, а проценетата вредност на вложувањето е повеќе од 380 милиони евра. И овие проекти од грчка страна сè уште не се почнати да се градат.
Директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи вели дека изградбата на интерконекторот која е значаен за земјава може да почне на крајот на годината, но постапките за надзор и за градба очекува да почнат порано.
– Постапките е планирано да се отворат до средина на годинава, а самата градба треба да започне при крајот на оваа година. Ние веќе сме во процес на затворање на финансиската конструкција, и добивање на потребните одобренија за градба. Договорот за грант од WBIF, вредност од 10 милиони евра за градба, и договорот за заем со ЕИБ, веќе се потпишани и во тек се преговорите со ЕБОР, коишто се надевам дека до третиот квартал на оваа година ќе се финализираат со договор, но тоа нема да биде пречка за отворање на законските постапки за надзор и за градба – вели Реџепи.
Интерконекторот, додава тој треба да стане оперативен до крајот на 2024 година ако сè оди според планот, или евентуално на почетокот од 2025 година.
– Со тоа нашите можности за снабдување ќе се диверзифицираат и ќе овозможиме пристап до поконкурентни и постабилни пазари на природен гас. Тоа значи дека преку преносната мрежа на ДЕСФА, ќе имаме директен пристап до ТАП, и до ЛНГ – терминалите во Република Грција – вели Реџепи.
Според него, изградбата на гасен интерконектор помеѓу две држави е многу комплексен проект.
– Секако дека бара време, бидејќи законските постапки и рокови се долги. Треба да имаме предвид дека само изработка на студија за влијанието врз животната средина, трае не помалку од една година. Но, добрата вест е дека сите овие постапки се завршени, и очекуваме дека до крај на мај веќе ќе имаме и одобрение за градба. Овој проект е врвен приоритет за нас, но секако дека мора да се запазат законските рокови за сите постапки – вели Реџепи.
Земјава има во план со интерконектори за гас да се поврзе уште со Косово и Србија, а во план е изградба на уште еден интерконектор за гас со Бугарија.
Моментално преносниот систем за природен гас во земјава е составен само од еден интерконективен гасовод со Бугарија, преку кој главно се увезува руски гас.
Според владината анализа, најголема потрошувачка на природен гас има во зимските месеци, бидејќи природниот гас најмногу се користи за производство на топлинска енергија.
– Најголемо влијание на профилот на потрошувачка има когенеративната постројка во сопственост на ТЕ-ТО АД Скопје. Во текот на зимскиот период потрошувачката на природен гас достигнува до 45 милини Nm3, месечно како резултат на вклучувањето и на топланите, a во периодот од јули до септември истата достигнува до 6 милиони Nm3 месечно, што се должи на работењето на ТЕ-ТО АД Скопје во овие месеци. Според извештајот од Регулаторната комисија за енергетика во текот на 2020 година има вкупно 57 активни приклучоци директно поврзани на преносната мрежа за природен гас – велат од владата.
Во земјава се активни три системи за дистрибуција на природен гас: дирекција за технолошко-индустриски развојни зони Скопје (ДТИРЗ Скопје) со вкупно 12 потрошувачи, и јавните претпријатија „Струмица гас“ со вкупно 315 потрошувачи и „Куманово гас“ со вкупно 100 потрошувачи.
Напоредно со работата на отпочнувањето на изградбата на интерконекторот со Грција, во земјава повеќе години се работи на изградба гасоводната мрежа. Досега се изградени речиси 270 километри од преносната мрежа и остануваат за реализација уште околу 7 километри од гасоводите кои ќе го поврзуваат Скопје со Гостивар и Неготино со Битола.
Во текот на втората половина од годинава се очекува да се потпише и договорот за јавно приватно партнерство за финансирање изградба и одржување на дистрибутивната мрежа, и во некои општини да започне изградбата, која треба да го донесе гасот до крајните потрошувачи.
Планирано е една компанија ќе ја гради дистрибутивната мрежа со тоа што приватниот партнер ќе треба да инвестира во изградбата на мрежата и да ја користи 35 години. За период од 4 години се планира да се изградат 50 отсто од планираната мрежа за дистрибуција во градските средини и 20 отсто во селските средини. Ова под услов да има интерес за користење на гасот во градските и селските средини.